Skip to main content
Економија

Приливите од странство ќе им бидат на располагање веднаш на граѓаните и на компаниите со влезот во СЕПА

08/04/2025  09:05

„Влезот во СЕПА (Единствената област за плаќања во евра) ќе овозможи побрзи и поевтини плаќања во двете насоки, како за одливи, така и за приливи. Притоа, Народната банка веќе презема активности за олеснување на извршувањето и на приливните плаќања, вклучувајќи ги и приливите врз основа на доход којшто се остварува во странство. Во таа смисла, се предвидува приливите од странство да му се ставаат на располагање на платежната сметка на примачот веднаш, а најдоцна следниот работен ден, без приложување документи за причината на приливот кај најголемиот дел од приливите од странство, со исклучок на одредени приливи поврзани со капиталните трансакции за коишто се предвидени законски ограничувања до влезот на земјата во Европската Унија.”

Ова го истакна Игор Величковски, директорот на Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи во Народната банка, во интервју за „Македонското радио”, како одговор на многуте прашања коишто ги поставуваат младите кои работат за фирми во странство, а платата ја примаат на својата девизна сметка во земјава.

Величковски нагласи дека со влезот во СЕПА преносот на парични средства во евра ќе стане уште поедноставен и побрз, овозможувајќи им на граѓаните и компаниите преку користење на своите мобилни апликации или електронското банкарство да ги извршуваат плаќањата во евра на лесен начин со внесување минимален сет податоци во платниот налог.