
Две лица се лишени од слобода во рамки на засилена акциска контрола спроведена од полициски службеници на СВР Скопје на подрачјето на Центар и Бит Пазар, со цел одржување на поволна безбедносна состојба во централното градско подрачје.
Акциската контрола била реализирана во периодот од 19:00 часот на 13 февруари до 03:00 часот на 14 февруари 2026 година, при што биле проверени 24 лица, извршен бил преглед на 17 лица и контрола на четири возила. Во текот на контролата биле констатирани седум сообраќајни прекршоци, а две возила биле одземени согласно член 378 и член 380 од Кривичниот законик.
Како што информира полицијата, лишени од слобода се С.С. и М.А., кои управувале патнички возила „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, поради основано сомнение дека сториле кривични дела поврзани со прикривање на регистарските ознаки. Дополнително, констатиран бил и еден прекршок по член 80 од Законот за оружје.
Во рамки на активностите, полициските службеници спровеле и превентивни обиколки во парк на подрачјето на Капиштец, во близина на угостителски објект на булеварот „Партизански одреди“, како и кај игралиштето познато како „Дрвен Град“, поради секојдневно собирање на малолетни лица.
Од СВР Скопје најавуваат дека засилените акциски контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел зголемување на безбедноста во главниот град.

