Skip to main content
Култура

Претставата „12“ на МНТ прогласена за најдобра претстава на Фестивалот „5 РЕ“

17/04/2025  08:49

На сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот во Велес синоќа на свеченото затворање на фестивалот на комедијата „5 РЕ“, што се одржа по четврти пат, беа доделени наградите на фестивалот. Претставата „Покојник”, на Црногорското народно позориште ја доби наградата за најдобра претстава по избор на публиката, додека претставата „12″ на Македонскиот народен театар беше прогласена за најдобра претстава по избор на жири комисијата.

За најдобра женска улога во претставата „Госпоѓа министрека“ наградена е Зорица Панчиќ, а за најдобра машка улога наградата ја доби Александар Крстиќ во претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф”. Марија Новак доби награда за најдобра споредна женска улога во претставата „Секс, лаги и љубомора”, а Сашо Тасевски за најдобра споредна машка улога во претставата „Фамилија Адамс”. За најдобра режија наградата ја доби Синиша Ефтимов за претставата „12″.

За наградите одлучуваше жири комисија составена од Александар Ѓорѓиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски. 

Како што потенцираат од МНТ, во претставата „12“ извонредните актери Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев, досега ги освоиле домашниот и меѓународниот аудиториум со својата силна социјална порака и извонредната актерска игра, а овие награди се дополнителна сатисфакција за освојување на нови признанија.

Фестивалот „5 РЕ“ синоќа го затвори  Сашко Коцев со својот стенд ап настап „Широк дијафазон“.

Фестивалот, што го организира ЗГ „Плус Публика“ со поддршка на Општина Велес, траеше од 27 март до 16 април и во негови рамки беа изведени десетина претстави на театари од земјава, Црна Гора и Србија. 

Во рамките на фестивалот, за првпат беше прикажана дигитално реставрирана копија на филмот „Мис Стон“ снимен (1958) во  режисерот Жика Митровиќ, филм во кој доајенот на македонската театарска сцена Петре Прличко во 1959 година ќе ја добие наградата „Златна Арена“ на фестивалот во Пула.