Skip to main content
Македонија

Претседателката ги достави кандидатурите за Судскиот совет: Јошевска-Анастасовска и Кадри-Шахиновиќ

09/01/2026  16:19

Материјалите „Предлог за избор на Сузана Јошевска-Анастасовска за член на Судскиот совет на Република Северна Македонија“ и „Предлог за избор на Арлинда Кадри-Шахиновиќ за член на Судскиот совет на Република Северна Македонија“ се доставени до Собранието.

Со тоа, претседателката Гордана Силјановска-Давкова ги избра своите двајца кандидати за членови на Судскиот совет. Професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска се имињата кои од Кабинетот на претседателката се упатуваат кон Собранието, каде што треба да започне постапката за нивен избор.

Овој потег следи по претходната најава на Силјановска-Давкова дека ќе ги достави своите предлози дури по усвојувањето на законските измени, инсистирајќи на избор на истакнати жени од областа на правосудството.

Станува збор за кандидатки со долгогодишно професионално искуство. Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка која академската кариера ја градела на Факултетот за правни и политички науки при ФОН, како и на приватниот МИТ Универзитет, а во јавноста е позната и како поранешен член на Комисијата за помилување. Сузана Јошевска-Анастасовска е истакната адвокатка со долгогодишна пракса, особено препознатлива по својата работа на кривични предмети.

Предлозите доаѓаат по усвојувањето на новиот Закон за Судскиот совет на 29 декември, кој носи значајни измени насочени кон зголемување на транспарентноста и отчетноста. Законот предвидува јавност во постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, јавна расправа при изборот на не-судиски членови, како и зајакнување на критериумите за одговорност и дисциплинска постапка за членовите на Советот и за судиите.

Судскиот совет брои вкупно 15 членови, од кои осум ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори, тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство, двајца ги предлага претседателот на државата, додека двајца се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои присуствуваат на седниците, но немаат право на глас.

Се очекува предлозите на претседателката Гордана Силјановска-Давкова веќе од понеделник да влезат во собраниска процедура.