Skip to main content
Македонија

Премиерот дециден: Ако Груевски се врати, веднаш оди во затвор

14/04/2026  12:30

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека прашањето за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски не е во надлежност на македонските институции, туку на властите во Унгарија.

Според него, постапката за екстрадиција веќе била иницирана пред неколку години, но без резултат.

„Како што сум запознаен, екстрадиција е побарана уште во 2018 година, а е одбиена во 2019 година. За дополнителни информации треба да се обратите до Министерството за правда. Јас не сум министер за правда, јас сум премиер“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека доколку Груевски се врати во Македонија, институциите ќе постапат согласно законите и правосилната пресуда која веќе постои.

„Доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и веднаш органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на отслужување на затворска казна“, потенцира премиерот.

Христијан Мицкоски истакна дека Владата е обврзана да ги почитува законите и институциите, без исклучоци.

„Ние сме Влада за којашто сите закони важат и која мора да ги почитува институциите во државата. Секој има право да ги користи правните механизми, вклучително и жалби“, додаде тој.

Во однос на евентуалното враќање на Никола Груевски, премиерот рече дека нема конкретни очекувања кога и дали тоа ќе се случи, потенцирајќи дека одлуките околу неговиот статус се надвор од директна контрола на македонската Влада.

Со ова, Мицкоски уште еднаш стави до знаење дека правниот процес е јасен – доколку Груевски се врати во земјата, ќе мора да се соочи со извршување на казната согласно важечките закони.