Skip to main content
Култура

Премиера на монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ во Галичник

11/07/2025  09:37

Во Галичник на амфитеатарот на чешма Упија, вечер во 21 часот ќе биде изведена премира на монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“, во чест на 150 години од објавувањето на „Речник на три јазика“ на Пулески – основоположник на македонистиката во 19 век. 

Монодрамата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е инспирирана од неговиот живот посветен на борбата со зборот како оружје. Текстот е напишан од Миле Бошњаковски на македонски јазик односно на еден од неговите автентични говори – мијачкиот.

Режисер на монодрамата е Бојан Трифуновски и ќе ја изведе актерот Рубенс Муратовски. Музичката подлога, инспирирана од традиционална композиција „Ветер да подујне“, ја подготви музичарот Нико Ѓоргиевски, а во живо ќе ја изведат заедно со Мајовци. 

-Со објавата на „Речник од три јазика“ пред 150 години, Ѓорѓија Пулески јасно, прецизно и со острина на галички камен го втемелува македонскиот јазик во лингвистичкото семејството на Балканот, Европа и целиот свет. Сеќавањето на Пулески и на неговото творештво кое е од исклучително значење за македонскиот јазик, и тоа во неговиот роден Галичник, овој Петровден треба да биде „ехо“ кое ќе се пренесува во наредните векови, соопшти Месна заедница Галичник по повод премиерата.