Skip to main content
Македонија

Пожарот кај Велес се прошири кон патот за Штип, МВР го регулира сообраќајот

28/07/2026  19:40

Пожарот што попладнево избувна во месноста Дорутовец во Велешко се проширил во правец на патот Велес – Штип, а силниот ветер го носи чадот кон автопатот, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од ДЗС посочуваат дека опасноста од пожарот е намалена, но состојбата на терен и натаму бара внимателно следење. И покрај интервенцијата на двата „ертрактори“, велешките пожарникари, месното население и екипите на ЈП „Дервен“, огнената линија се проширила во правец на патот Велес – Штип.

Дополнителен проблем претставува ветерот, кој го носи густиот чад кон автопатот. Поради намалената видливост и можниот ризик за возачите, од ДЗС побарале поддршка од Министерството за внатрешни работи за регулирање на сообраќајот.

„Состојбата се следи од Главниот штаб за управување со кризи, во координација со екипите на терен“, соопштија од ДЗС.

Во гасењето на пожарот во Дорутовец се вклучени две противпожарни возила со шест пожарникари од ТППЕ Велес, како и два „ертрактори“ на ДЗС.

Според последните информации од Дирекцијата, до 18 часот денеска на територијата на државата биле регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор. Четири од нив сè уште биле активни, додека пет биле изгаснати.