Skip to main content
Македонија

Пожар кај Илинден: Огнот во близина на цистерни и бензинска пумпа, пожарникарите на терен

23/08/2026  23:00

Пожарот што избувна во и околу каналот во реонот на Илинден, во правец кон Белви, предизвика загриженост поради близината на објекти и инфраструктура со потенцијален ризик.

Според информациите од терен, огнот зафатил трска и сува трева во и околу каналот, а дополнително внимание предизвикува фактот што во непосредна близина се наоѓаат цистерни на „Макпетрол“, како и бензинска пумпа.

Сувата вегетација и трската можат да придонесат за брзо ширење на пламените јазици, особено доколку дојде до засилување на ветерот, поради што состојбата внимателно се следи.

За пожарот се огласи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој информираше дека екипите на Бригадата за противпожарна заштита Скопје веќе интервенираат.

„Пожар во и околу каналот кој минува покрај Арачиново во насока кон Белви. Гори претежно трска и сува трева во и околу каналот. БППЗ Скопје се на терен, имаат почетна контрола, засега нема опасност од неконтролирано ширење“, соопшти Ангелов.

Според последните информации, пожарникарите имаат почетна контрола врз огнот и во моментов нема опасност од негово неконтролирано ширење.

Сепак, поради близината на цистерните и бензинската пумпа, ситуацијата останува чувствителна и бара постојано следење сè до целосното локализирање и гаснење на пожарот.

Жителите од околината се повикуваат на внимателност и да ги следат официјалните информации од надлежните институции.