Трите лица кои синоќа се здобија со повреди во верижен судир кој се случи на скопската обиколница, кај клучката Бутел кај Смилковското езеро кон Арачиново.се во стабилна состојба, велат здравствените власти.
Во незгодата во која учествувале повеќе возила, со најтешки повреди се здобило лицето со иницијали К.С од Арачиново, кое во моментов се наоѓа на торакалната клиника, додека двајцата возачи на другите автомобили се здобиле со полесни повреди.
„Пациентот повреден во сообраќајната незгода, моментално е во стабилна општа состојба, со повреди на главата, градниот кош и горните екстремитети. Тој е примен на торакално хируршко одделение за следење и лекување. Во моментов е надвор од животна опасност“, изјави Игорче Џиковски, директорот на „Торакална“.
Во оваа несреќа учествуваа 5 возила. Полицијата соопшти дека на местото на настанот е извршено вештачење од екипи на Полициската станица Скопје. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека се работи за верижен судир во кој учествувале три автомобили, едно товарно возило и паркиран автобус, по што повредените лица биле пренесени на клиниките во Скопје.
„На 22.01.2025 околу 20.20 ч. во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница Скопје, клучка Бутел кај Смилковско езеро кон Арачиново, се случила сообраќајна незгода во која учествувале три патнички возила, товарно возило и паркиран автобус. Од незгодата со повреди се здобиле тројца учесници кои се пренесени во скопските клиники, наведуваат од МВР“, се вели во соопштението на полицијата.
Телевизија 21 синоќа објави дека обиколницата била привремено затворена, а сообраќајот отежнат поради густа магла.