По повиците на социјалните мрежи граѓаните во петок да не пазаруваат во маркетите поради високите цени како што тоа се случи во Хрватска, а такви акции се најавени и во Босна и Херцеговина и Црна Гора, надлежните институции најавуваат ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен.
По вчерашната средба во Владата со Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција, премиерот Христијан Мицкоски најави одлучна, одговорна и транспарентна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои директно влијаат на животниот стандард.
– Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.
Ги повика сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот.
– Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка. Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените, наведе Мицкоски.
Јавниот повик за бојкот е поддржан и од Организацијата на потрошувачи на Македонија од каде предлагаат Владата да преземе подолгорочни мерки за да се заштити стандардот на граѓаните.
– Организацијата на потрошувачи го поддржува граѓанскиот повик на социјалните медиуми за бојкот на маркетите. Не сме организатори на оваа акција, но ги поддржуваме граѓаните со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени, изјави претседателка на ОПМ, Мирјана Лончар во изјава за МИА.
По информациите од медиумите изнесени на прес-конференцијата во Владата во вторникот дека има трговски ланци кои не ги почитуваат одредбите од Законот за нефер трговски практики, премиерот најави контроли во тие трговски ланци.
– Според информациите со кои располагаме, имаме отприлика околу 20 000 коминтенти по ланец суперакети и ќе треба длабоко да се навлезе за да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовремено и други трговски објекти ќе подлежат на ваков тип контроли зашто стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние ќе сториме се како Влада за да го заштитиме, изјави вчера Мицкоски.
И министерот за економија и труд Бесар Дурмиши застана со поддршка на иницијативата за бојкот посочувајќи дека тоа е граѓанско право на потрошувачите и дека тие имаат право сами да одлучуваат како и каде ќе ги трошат парите. Државниот пазарен инспекторат, како што напиша на Фејсбук, е на терен и доколку се утврди неоправдан енормен раст на цените и нарушување на пазарната логика, ќе бидат искористи сите механизми што се на располагање и ќе бидат донесени одлуки и мерки со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
– Ги поддржуваме граѓаните во бојкотот пред се на маркетите кои изминативе години енормно ги зголемуваат цените на производите без никаква економска логика. Ние како Министерство за економија и труд носевме мерки за заштита на стандардот на граѓаните со замрзнување на маржата на основните прехранбени производи со цел да не дојде до енормно зголемување на цените каде што нема основа за истото и во таа насока ги поздравуваме ваквите иницијативи и граѓани со вакви активности. Изминативе години претходната влада ги толерирала трговците, кои за дополнителен профит преку нереалните зголемувања на цените дополнително се богателе на грбот на граѓаните. Ова однесување мора да запре, напиша Дурмиши.
Поддршка за бојкотот дадоа и двете најголеми македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека ја поддржуваат иницијативата за бојкот на маркетите и најавија дека институциите ќе ги истражат сите злоупотреби, додека од опозициската СДСМ оценија дека инцијативата за бојкот на маркетите се прелеала и во државава бидејќи Владата не успеала да ги заштити граѓаните од високите цени на основните прехранбени производи.
И Партијата на пензионери вчера излезе со соопштение во кое ги повика своите членови да дадат поддршка на најавената акција за бојкот.
– Пензионерите како една од економски најзагрозените категории во општеството, длабоко е засегната од вкоренетата пракса на огромен број на трговци и трговски ланци за манипулација и изигрување на Законот за нефер трговски практики, што дефинитивно претставува акт за најостра осуда. Затоа Партијата на пензионери во целост ја поддржува иницијативата и ги повикува своите членови, сите пензионери и граѓани да го покажат својот став со конкретна акција за бојкот на сите оние кои на грбот на сите нас остваруваат енормни, нефер и неетички финансиски профити. Во исто време, Партијата на пензионери бара и ја поддржува Владата во преземања на крајни и ефикасни мерки за конечно и долгорочно решавање на оваа константна пракса на трговците во земјата, велат оттаму.
Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за околу 400 денари во однос на декември, а во делот на храната и пијалоците има зголемување за 123 денари.
Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалоците се бележи зголемување од 123 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија кој денеска на прес-конференција ги објави најновите податоци за Синдикалната минимална кошничка и за тоа дали новогодишната кошничка ги дала посакуваните ефекти. Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемвање од 10,63 проценти.
– Граѓаните во Македонија не дека живееме многу добро и имаме многу добри плати, па пазариме и со тоа ја погреваме инфлацијата и платите се виновни за зголемувањето на инфлацијата, туку трговците се алчни и се богатат на грбот на работниците со тоа што го користат секој момент за дополнително да се збогатат. Дури се сомневаме и дека она што го ветуваат сега дека во наредните месеци ќе го задржат нивото на цените на основните прехранбени производи е мамка да не ги намалат цените на производуте кои на светските берзи бележат намалување, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на прес-конференција на 21 јануари.
Оценката на ССМ е дека инфлацијата не е 3,5 проценти како што покажуваат статистичките податоци, туку е многу повеќе со оглед на тоа дека за 12 месеци, односно од почетокот на минатата година досега, минималните трошоци во делот на храната и пијалоците се зголемени за 10,43 проценти.
Оттаму сметаат дека оправдани се нивните барања за зголемување на минималната плата и на сите останати плати. Сметаат дека се потребни и други мерки од страна на Владата за да се заштити животниот стандард на граѓаните.
Најновите статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти.