Skip to main content
Економија

Потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), 600.000 евра за модерна и дигитална преносна мрежа

15/10/2025  12:28

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.

платено политичко рекламирање

Настанот се одржа во присуство на Н.Е. г-ѓа Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Н.Е. г-дин Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; г-дин Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; г-ѓа Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; г-дин Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.

Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.

Проектот е фокусиран на четири клучни области:

  • изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
  • димензионирање на системските резерви,
  • воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
  • како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.

Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.

Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:

„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Оваа поддршка е значајна за граѓаните и стопанството. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“

Генералниот директор на МЕПСО, г-дин Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:

„Со потпишувањето на овој грант-договор ги зајакнуваме нашите стратешки партнерства и го градиме техничкиот капацитет потребен за современа преносна мрежа. Пилот-проектот за дигитализација, фокусиран на развој на целосно дигитална трафостаница со напредни системи за заштита, управување и надзор, претставува конкретен чекор кон трансформација на МЕПСО во попаметен, поефикасен и ориентиран кон иднината оператор на преносниот систем.“

Проектот ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија, нагласуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

За AFD:
Групацијата AFD придонесува за спроведување на француските политики за одржлив развој и меѓународна солидарност. Во нејзини рамки функционираат Agence Française de Développement (AFD) – која го финансира јавниот сектор, невладините организации, истражувањата и обуките; нејзината подружница Proparco, насочена кон приватниот сектор; и Expertise France, агенцијата за техничка соработка.

Групацијата AFD финансира, поддржува и забрзува неопходни транзиции кон поправеден и поотпорен свет. Активна во регионот на Западен Балкан од 2019 година, AFD има мандат да им помогне на земјите од регионот во приближувањето кон стандардите на ЕУ и спроведувањето на Парискиот договор за климатски промени, со цел инклузивен и нискојаглероден економски развој. Од тогаш, AFD има ангажман од над 1,5 милијарди евра во регионот на Западен Балкан, преку 39 активни проекти.