
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов денеска преку Фејсбук објава им се „закани“ и им нареди на полуматурантите и нивните наставници и директорите на училиштата да го исчистат отпадот, кои несовесно го оставиле зад себе на градскиот плоштад во Струмица.

„Полуматурата не е повод за хаос, туку момент на покажување зрелост и почит кон државата и заедницата. Она што денес се случи на градскиот плоштад – е неприфатливо. Јасно кажувам: Во рок од едно деноноќие, директорите на основните училишта, заедно со наставниците и учениците, се задолжуваат да го исчистат отпадот кој самите го оставиле зад себе“, порача Костадинов.
Тој исто така додава дека „Ова не е молба. Ова е наредба“ и дека кој не постапи – ќе сноси последици согласно надлежностите.
Плоштадот не припаѓа на никого поединечно – тој е симбол на нашиот град. Ќе се почитува, или ќе се одговара. Ова е првиот тест за зрела генерација – или ќе го положат, или ќе учат поинаку. Во Струмица владее ред. И така ќе остане“ се закани Костадинов.