Skip to main content
Македонија

Политика без одговорност: Зошто во Македонија некој не поднесува оставка?

11/12/2025  13:41

Колумна на проф. д-р Иван Анастасовски

Македонија е држава каде скандалот трае три дена, а функцијата – три мандати. Во нашата држава, политичката оставка е фантастично суштество: сите слушнале за неа ама никој ја нема видено. Додека во европските демократии една погрешна одлука или пропуст е доволен мотив функционер сам да се повлече, кај нас дури и големи афери завршуваат со реченицата: „Нема потреба од оставка“. Скандалите траат три дена, а функцијата трае три мандати. Да се потсетиме на последните два примера во Словенија. Двајца министри поднесоа оставки по убиството на родител кој отишол да го одбрани својот син. Словенечката министерка за правда, Андреја Катич и министерот за внатрешни работи Боштјан Поклукар, му ги понудија своите оставки на премиерот Роберт Голоб, кој ги прифати. Оставките уследија по трагичниот инцидент во Ново Место, каде што 21-годишник претепа маж до смрт пред бар. Министерката со македонско потекло Стојменова-Дух поднесе оставка од словенечката влада: користела сигнални светла на службен автомобил. Дотичната недозволено вклучила сигнални светла на службениот автомобил за да избегне сообраќаен метеж во Австрија за да фати авион за Женева.

Јас сум убеден дека зборот оставка кај нас во Македонија е најупотребуван термин во политиката, но само најупотребуван, но не и ефектуиран. Политичарите многу лесно го изговаараат овој термин кај нас, но многу ретко, скоро никогаш, не го употребуваат за жал.

Едно е факт кога се говори за терминот оставка кај нас и тоа можам да бидам дециден дека оставката во Македонија не постои затоа што функцијата се доживува како лична сопственост, а не како јавна одговорност. Одлука (сопствена) да поднесе оставка подразбира почитување на институцијата, на јавноста, и на некакви минимални стандарди. Ние сме уште заглавени во политичка (не)култура каде оставката се смета за слабост, а не за морална должност.

Вака поставениот партиски систем создава недопирливи функционери што укажува на податокот дека во држава каде што партијата е над институцијата, а лидерот е над партијата, никој не чувствува индивидуална одговорност. Недозволиво е еден премиер на држава да каже да партијата му е трето дете (а каде е државата тука), семејството е света работа и тоа не би требало да се поистоветува со ништо друго. Нашиот македонски функционер е свесен дека него не го држи и контролира народот, туку партискиот врв, па затоа тој чувствува одговрност само пред партискиот врв. А партијата по правило, не пушта по вода свои луѓе – дури и кога прават штета – затоа што секоја оставка се чита како признание на вина, а вината е политички луксуз што никој не сака да го дозволи.

Кај нас во Македонија институциите се толку слаби, што политичарите не чувствуваат притисок да бидат одговорни. Судството, регулаторите, антикорупциските тела функционираат бавно, формално или селективно и под притисок на политиката. Кога нема санкција, нема ниту притисок. А кога нема притисок, оставката станува „опционален украс“ за кој никој не гледа потреба.

За жал од сето ова кај нас, нашата јавност е уморна и токму тоа и одговара на политиката. Граѓаните се навикнати дека скандалите се дневна рутина и од тоа не бидува ништо. Кога една партија е во опозиција за цел свој опозициски мандат лиферува (на прес конференции) серија на скандали и тој затворен циклус се случува со години, а при тоа нема никаква разврска. Затоа кога јавноста ќе се измори да бара одговорност, политичарот се ослободува од најголемиот коректив, па во таков амбиент, оставка на функционер би звучела речиси револуционерно.

Политичката кариера во Македонија е речиси приватизирана, функцијата кај нас за жал претставува еден вид работно место за партиски активист, а не чест за која треба да се има одговорност пред се пред сопствениот народ кој не избира. Во држави со развиена демократија, политичарот ја доживува функцијата како доверба што може брзо да се изгуби. За разлика од тоа кај нас, таа доверба се претвора во работно место со привилегии, а според тоа никој не би сакал доброволно да си го затвори сопственото работно место.

На серија немили (ужасни) настани со човечки жртви, со години наназад кај нас немаше ниту една оставка од функционери, што укажува на една нова девиза “функцијата пред се„ и таа состојба е со години. Само ја најавуваат и потоа ги чекаат тие три дена да помине “врелината“. Како мој личен заклучок би одел во насока дека оставката кај нас е изгубена политичка вредност. Оставката не е казна, туку чин на почит кон институцијата, кон граѓаните и кон самиот себе. Кога ќе научиме да ја вреднуваме оставката како најздрав политички механизам, кој значи чистење на системот, а не признание на вина, ќе почнеме да создаваме политичка култура во која јавната функција не е привилегија, туку одговорност. До тогаш, оставката ќе остане митолошки лик што се споменува во јавноста, но никогаш не се среќава во природата.

Како човек кој има опозициско расположение, можам да кажам дека идејата на г-дин Филипче за формирање на тим од млади лица кои ќе имаат една примарна цел да ловат корупција е одлична новина. Се надевам дека тие млади луѓе ќе имаат сериозен пристап при ловење на корпуциски скандали (а ги има) во нашата држава и со тоа ќе успеат да ја вратат сигурноста кај граѓаните дека состојбите со борбата против корупција би можеле да се променат. Во секој случај ова претствува новина на нашата политичка сцена.