
26-годишен полицаец од скопското село Зелениково доби кривична пријава откако пред речиси два месеца, пијан возел безобѕирно низ населбата Кисела Вода и за малку ќе предизвикал сообраќајна несреќа, по што му се заканувал на другиот возач и удирал по неговиот автомобил, соопшти МВР.
„Поднесена е кривична пријава против Л.Д. (26) од с.Зелениково, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Пријавениот Л.Д.- полициски службеник во Сектор за известување и координација на состојби во МВР, на 21.04.2025 на подрачје на Кисела Вода во Скопје, пријавениот управувал возило со 1,65 промили алкохол во крвта и поминувајќи на полна линија, му го пресекол патот на друго патничко возило и на тој начин ја загрозил личната и безбедноста на возачот и патниците од другото возило. А, откако запреле, тој му упатувал закани на другиот возач и удирал по неговото возило“, велат од полицијата.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полицаецот Л.Д. поднел и предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина, се додава во соопштението.