Skip to main content
Македонија, Скопје

Почната, напуштена, заборавена реконструкција на Кејот во Скопје

12/04/2025  15:24

Прошетајте покрај десната страна на кејот на реката Вардар, меѓу мостовите Беласица и Генерал Михајло Апостолски, и ќе видите – не модерен јавен простор, не обновено зеленило, туку купови од земја, прашина и занемарен простор што изгледа како напуштено градилиште.

На 15 септември 2024 година, Град Скопје најави дека започнува втората фаза од проектот за целосна реконструкција на овој потег, најавувајќи нова хидрантска мрежа, зеленило и мултифункционален јавен простор на површина од 12.000 квадратни метри. Работите ги изведува ЈП „Паркови и зеленило“. Денес, шест месеци подоцна, очигледно е – ништо од тоа не е реализирано.

Граѓаните секојдневно поминуваат покрај оваа траса, меѓу велосипедисти, спортисти и рекреативци, и наместо зелен рај, гледаат само запуштеност и неисполнети ветувања. Куповите земја не се нова инфраструктура, туку симбол на запоставена обврска.

Каде е „модерниот јавен простор“? Каде е новото зеленило? Ако ова е втората фаза, што ќе значи третата – уште шест месеци чекање и уште повеќе купови земја?

Време е градските власти да дадат одговор – што се случува со проектот, зошто е стопиран и кога граѓаните конечно ќе добијат она што им беше ветено. Кејот на Вардар не смее да остане руина.