
Во 95-тата година од животот денеска во Скопје почина писателот Цане Андреевски. Роден е 1930 година во Кратово каде што завршил основно училиште, а во Скопје завршил Учителска школа и Филозофски факултет.

Како помлад новинар учествувал во уредување на списанија за деца и на весникот „Млад борец“, но најголемиот дел од својот работен век, сè до пензионирањето, го поминал во Радио Скопје, каде многу години бил уредник на Културната редакција и заменик-директор.
-Прозаист и поет од постарата генерација македонски книжевни автори, кој со својата поезија ќе остане запаметен како „поетот на добрината“. Неговите авторски инспирации беа широки. Од творештвото за деца ќе останат запаметени збирките поезија Сончева порака – 1951, Што има ново – 1959, Планета со петел – 1976, Шинато уво – 1989; расказите за деца „Јаготки“ – 1955, Нашите први учители – 1982, Дарби – 1990, Белата мечка, синиот кит и другите – 1998, Малата голема точка – 2005, од поезијата за возрасни: Добрина – 1956, Свечености – 1964, Сребрен поток – 1969, Врски – 1982. Во 2007 година стана еден од првите македонски поети кој се испроба и во хаику-поезијата преку збирката „Дождот“. Особено значаен се смета неговиот придонес преку биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин, соопшти семејството на Андреевски.
Цане Андреевски е добитник на наградата „Кочо Рацин“, на РТВ Скопје на Струшките вечери на поезијата, како и на „Книжевен жезол“ во 2016 година.
Последна почит на Цане Андреевски ќе му биде оддадена во понеделник, 7 јули, во капелата на градските гробишта Бутел, од 10 до 10.30 часот.