
Скопската Зоолошка градина објави дека на седумгодишна возраст почина гибонката Софи.
Од институцијата информираат дека пред околу 12 дена кај животното се појавиле симптоми на малаксаност и потешкотии во движењето. Веднаш биле преземени терапија и лабораториски испитувања од страна на стручен ветеринарен тим. И покрај секојдневното следење и надежите за подобрување, состојбата на Софи нагло се влошила во неделата. Иако биле преземени мерки за реанимација, гибонката не издржала.
По направените анализи на Факултетот за ветеринарна медицина, утврдено е дека животното било позитивно на Mycobacterium tuberculosis complex (MTBC), потврдено со PCR метода од Институтот за ветеринарна медицина.
Од Зоолошката градина посочуваат дека веднаш е известена Агенцијата за храна и ветеринарство, а живеалиштето на гибоните е дезинфицирано и изолирано од другите животни. Дополнително, ќе се извршат испитувања кај останатите единки од групата. „Вакви случаи се појавуваат во зоолошки градини ширум светот и ова не е изолиран случај само во Скопје“, истакнуваат од институцијата.
Софи била меѓу најактивните и највесели гибони, омилена кај вработените и посетителите. „Нејзиното заминување е голем шок за сите нас. Направивме сè што можевме, но како и кај луѓето, понекогаш болеста не може да се спречи“, додаваат од Зоолошката градина.