
Почина бебето кое 8 месеци се бореше за живот на Клиникатата за детски болести во Скопје, откако мајка му умре при породувањето во Кумановската болница, објави СДК.мк.
Бебето починало на 23 мај во попладневните часови, по што било известено семејството. Триесет и едногодишната родилка почина на 27 септември лани, при породување на Одделението за гинекологија и акушерство во Општата болница во Куманово.
„И бебето ја изгуби битката. Ова е дополнителен шок за семејството кое и онака се наоѓа во тешка животна ситуација. Ние сме апсолутно убедени дека постои лекарска грешка, бидејќи последиците се катастрофални и за мајката и за бебето.
Водиме истрага со независни експерти од областа на неонатологијата и акушерството, кои утврдија пропусти во постапката од моментот на прием до самиот чин на породување со царски рез откако жената починала, како и за последиците за новороденчето, кое за жал заврши фатално.
Тоа покажува дека лекарските интервенции биле задоцнети, бидејќи и родилката и бебето не останаа живи“, вели адвокатот на семејството Христијан Георгиевски.
Родилката била во деветтиот месец и имала уредна бременост и во болницата дошла откако дома ѝ почнало породувањето. По повеќе од 30 часа, наредното попладне состојбата нагло ѝ се влошила и таа ненадејно починала. Ова ѝ била втора бременост.