Skip to main content
Македонија

По нападот врз девојката во Охрид не стивнуваат реакциите на Фејсбук се бара одговорност од институциите

16/11/2026  11:24

Не стивнуваат реакциите по случајот со девојката која викендов беше претепана во Охрид. На социјалните мрежи се редат пораки за поддршка на девојката и повици до институциите сериозно да го истражат нападот и да ја утврдат одговорноста. Меѓу оние што јавно се огласија се Кристина Крлеска Деспотоска и Ина Многуфина.

Крлеска Деспотоска во објава на Фејсбук напиша дека како мајка на ќерка, како жена и како човек не може да остане рамнодушна на насилството во градот во кој растат нивните деца. Таа порача дека случајот не смее да биде заборавен штом стивнат реакциите.

„Како мајка, не сакам ниту една девојка да живее во страв, да се плаши да прекине врска, да се плаши да каже ‘НЕ’ или да размислува дали ќе биде безбедна покрај човекот на кого му верувала“, напиша Крлеска Деспотоска.

Таа ги повика и луѓето што знаат или сведочат на насилство да реагираат, а од институциите побара сериозно и одговорно постапување. „Молкот не е неутралност. Молкот често му дава сила на насилството“, напиша таа.

На случајот реагираше и Ина Многуфина. Во објавата на Фејсбук таа се осврна на неофицијалните информации според кои девојката му кажала на партнерот дека не се чувствува безбедно во негово присуство кога пие. „Слободен печат“ објави дека нападот, според првичните информации, се случил во автомобил, а девојката потоа била оставена во близина на маркет. Овие околности засега се неофицијални.

Ина Многуфина се осврна и на информацијата дека мајката на осомничениот го пријавила таткото на девојката за закани. За пријавата објави „Слободен печат“, повикувајќи се на полициски извори. Во својата реакција Многуфина повика јавноста да го следи постапувањето на институциите до крај.

Од СВР Охрид потврдија дека на 15 ноември во 5:05 часот полицијата лишила од слобода 31-годишен охриѓанец, постапувајќи по пријава дека физички ја нападнал својата девојка.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.К.(31) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда” по член 131 став 3 од Кривичниот законик.