
Германската компанија „БМЗ“, која произведува батериски системи, до крајот на годинава ќе го затвори својот производствен погон во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје, објави „Телма“. Производството од Македонија ќе биде префрлено во Полска, а за одлуката веќе се известени речиси 100 вработени во македонската подружница.
Одлуката, според информациите, била донесена по сеопфатна економска анализа на работењето. Од компанијата посочуваат дека се свесни за последиците што затворањето ќе ги има врз вработените и најавуваат дека процесот ќе биде спроведен одговорно и транспарентно.
„БМЗ го препознава влијанието кое оваа одлука ќе го има на вработените во Северна Македонија. Компанијата е целосно посветена оваа транзиција да ја комплетира одговорно, транспарентно и со почит кон сите вработени“, се наведува во дописот од компанијата.
За планот за затворање е известена и Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони. Оттаму, сепак, најавуваат можност дел од работниците да продолжат со работа кај друг инвеститор.
Според информациите што Дирекцијата ги пренела за „Телма“, инвеститор кој веќе подолг период работи во земјава покажал интерес да преземе дел од вработените во „БМЗ“. Засега не се открива за која компанија станува збор, ниту колкав број работници би можеле да бидат преземени.
Паралелно, од ТИРЗ најавуваат дека деновиве во Македонија треба да пристигне уште еден странски инвеститор од Европската Унија. Со него треба да се разговара за можноста да го преземе производствениот погон што ќе го напушти „БМЗ“.
Нема детали за идентитетот на потенцијалниот инвеститор, ниту за секторот во кој работи, односно дали станува збор за компанија од автомобилската индустрија или од друга дејност.
Затворањето на „БМЗ“ доаѓа по најавите за заминување и на други странски компании. Претходно и „Аптив“ соопшти дека до крајот на годината ќе го затвори својот погон, додека американската „Дура“ веќе стави клуч на својата фабрика.
Во случајот со „Дура“, од Дирекцијата за ТИРЗ соопштија дека ќе бараат компанијата да врати дел од добиената државна помош.
Со најавеното затворање на „БМЗ“ повторно се отвора прашањето што ќе се случува со работните места и производствените капацитети што ги оставаат странските инвеститори, додека надлежните уверуваат дека се работи на привлекување нови компании и преземање на дел од вработените.

