Skip to main content
Свет

По апсењето на Мадуро, Трамп се закани на повеќе држави

06/01/2026  00:07

По апсењето на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, од страна на американските сили, претседателот на САД Доналд Трамп и неговата администрација упатија низа остри предупредувања до други држави, меѓу кои Колумбија, Куба, Мексико, Иран, како и до самоуправната територија на Данска – Гренланд.

„Нашата работа е да имаме земји околу нас кои се одржливи и просперитетни и каде што нафтата може слободно да тече. Американската доминација на западната хемисфера никогаш повеќе нема да биде доведена во прашање“, изјави Трамп.

Тој повторно истакна дека Гренланд им е потребен на САД поради националната безбедност, наведувајќи дека територијата е од огромно стратешко значење.

„Ни треба Гренланд. Во моментов е толку стратешки важен. Покриен е со руски и кинески бродови. Ни треба од перспектива на националната безбедност, а Данска нема да може да го направи тоа“, посочи Трамп.

На ваквите изјави реагираа премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, и данската премиерка Мете Фредериксен. Нилсен оцени дека реториката што доаѓа од САД е целосно неприфатлива и дека поврзувањето на Гренланд со Венецуела и можна воена интервенција претставува непочитување.

„Нашата земја не е предмет во реториката на големите сили. Ние сме народ, земја и демократија“, истакна Нилсен.

Фредериксен порача дека намерите на Трамп за преземање контрола врз Гренланд треба сериозно да се сфатат, но повтори дека и Данска и Гренланд категорично ги отфрлаат таквите амбиции, потсетувајќи дека Гренланд во повеќе наврати јасно ставил до знаење дека не сака да биде дел од САД.

„Ако САД нападнат друга земја членка на НАТО, тогаш сè завршува“, изјави Фредериксен.

Трамп го нападна и претседателот на Колумбија, Густаво Петро, опишувајќи го како „болен човек кој сака да произведува кокаин и да го продава во САД“. Одговарајќи на прашање дали е можна операција во Колумбија, Трамп изјави дека „нему тоа му звучи добро“.

Петро ги отфрли обвинувањата и заканите, наведувајќи дека во Колумбија е запленето најголемо количество дрога во светот и дека неговото име не се појавува во судските записи. Тој побара Трамп да престане со клеветите и истакна дека не треба на таков начин да му се закануваат на латиноамерикански претседател.

Трамп повеќепати го обвини и Мексико дека не прави доволно за борба против нарко-картелите и дека „мора нешто да се преземе“. Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, изјави дека нејзината земја соработува со САД за да се спречи шверцот на фентанил и други дроги, но нагласи дека историјата на Латинска Америка покажува дека интервенциите не донеле демократија.

„Само народите сами можат да ја градат сопствената иднина и да го остварат суверенитетот над своите природни ресурси. Суверенитетот и самоопределувањето не се предмет на преговори“, истакна Шајнбаум.

Трамп изјави дека не планира воена интервенција во Куба, наведувајќи дека таа „сама ќе падне“ поради економските проблеми и зависноста од венецуелската нафта. Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел возврати дека сојузот меѓу Куба и Венецуела нема да се распадне без борба и дека се подготвени да платат висока цена.

Претседателот на САД упати предупредување и до Иран, каде деветти ден по ред траат протести поради економската криза, при што загинаа 19 лица. Трамп предупреди дека САД ќе реагираат „многу силно“ доколку продолжи насилството.

Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи возврати дека Исламската Република нема да се предаде и дека демонстрантите треба да бидат „ставени на свое место“, додека Трамп повторно се закани со нови напади доколку Техеран се обиде да ја обнови нуклеарната програма.