
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, „речиси ништо“ не презема за Србија формално да напредува кон членство во ЕУ.

Во поткастот „Први глас“ на хрватскиот портал „Телеграм“, Пицула оцени дека Србија заостанува во исполнувањето на „т.н. фундаментални барања, како што се функционална демократија, правна држава, владеење на правото, ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал, како и целосна медиумска слобода“.
Тој додаде дека Србија не се усогласува ниту со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, ниту со специфичниот услов за нормализација на односите со Косово.
– Кога сето тоа ќе се стави на една страна од равенката, на другата не може да стои членство во ЕУ, изјави Пицула.
Според него, Вучиќ е само еден од „ко-причинителите“ за оваа состојба, бидејќи – и покрај внатрешните протести и притисоците од дел од ЕУ – тој успеал да најде „modus operandi со стабилократијата во институциите на ЕУ“, кои формално ја поддржуваат политиката на проширување, но не вршат реален притисок врз него.
– Оваа ситуација на фасадна демократија му одговара совршено, но ќе видиме колку долго ќе може да ја одржи, рече Пицула.
Тој оцени дека Вучиќ и понатаму може да се чувствува удобно затоа што „ЕУ за него е банкомат“. Притоа нагласи дека ЕУ учествува со 60 отсто во трговската размена на Србија и е нејзин најголем финансиер, без чии средства „земјата би колабирала“.
Во однос на другите земји од Западен Балкан, Пицула посочи дека Црна Гора формално е предводник во процесот, но дека Албанија може брзо да ја достигне, бидејќи, според него, Тирана очигледно има политичка волја да работи на своето членство.
Тој рече дека Црна Гора треба да биде загрижена за таканареченото „спарување со Србија на Вучиќ“, која, како што додаде, „сигурно нема голем интерес да ја види Црна Гора како напредува кон членство во ЕУ“, и која, поради својата силна проруска и просрпска компонента на политичката сцена, честопати успева да ја блокира самата Црна Гора на нејзиниот пат кон Унијата.