
Пратеничката Славјанка Петровска побара целосно расветлување на случајот со масовното труење во Гостивар, откако, според официјалните информации, околу 1.200 граѓани, меѓу кои и деца, побарале медицинска помош.
Петровска посочува дека од денешната објава на министерот за здравство дознала дека првите случаи биле регистрирани уште на 13 јули, а јавноста за тоа била информирана дури пет дена подоцна.
„Пет дена, министре Клековски. Зошто пет дена ја криевте оваа информација од јавноста? Зошто граѓаните не беа навреме предупредени дека бројот на лица со исти симптоми постојано расте?“, прашува Петровска.
Таа нагласува дека конечните лабораториски резултати треба стручно да утврдат дали водата е причината за здравствените проблеми, но предупредува дека тоа не смее да биде изговор за одложување на одговорноста.
Во својата реакција Петровска бара истрагата да утврди кој наредил интервенција во водоводниот систем, кој ги поставил и пуштил во употреба пумпите и дали некој се обидувал да ги прикрие трагите.
Дополнително, таа изразува загриженост поради информациите дека екипа на Институтот за јавно здравје, испратена по налог на јавен обвинител за земање мостри, била попречувана при извршувањето на својата работа.
„Ако некој попречувал стручни лица испратени по налог на јавен обвинител, мора да се испита дали целта била да се одолжи или попречи обезбедувањето на доказите“, наведува Петровска.
Таа ги повика Обвинителството и Министерството за внатрешни работи да ги идентификуваат сите лица кои ја попречувале работата на институциите и да утврдат дали имало обид за влијание врз истрагата.
Петровска бара Владата јавно да ја објави целосната хронологија на настаните – кога биле регистрирани првите случаи, кога биле известени надлежните институции, кои мерки биле преземени и кој ја одобрил интервенцијата во водоводниот систем.
Според неа, до завршување на истрагата, сите раководни лица непосредно поврзани со спорната интервенција треба да бидат отстранети од должност за да не можат да влијаат врз документацијата, сведоците и текот на постапката.
„Гостиварци не бараат задоцнети соопштенија и смирувачки изјави. Бараат безбедна вода, вистина и правда. Пет дена криење се пет дена предоцна“, порача Петровска.


