
Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска тврди дека лице кое се обидело да посредува во набавката на осумте воени хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ денес е неформален советник на актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски. Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, таа изјави дека обидите за вклучување посредници биле одбиени и дека преговорите се воделе директно со производителот.
Според Петровска, поединци и фирми се обиделе да се вклучат во постапката додека стручниот тим на Министерството за одбрана ги анализирал можните производители, пред да биде донесена конечната одлука за меѓувладин договор со Италија.
„Се појавуваат поединци и фирми посредници кои им велат на луѓето од тимот: Не мора да преговарате со фирмата, преговарајте со нас. Тоа е апсолутно одбиено“, изјави Петровска.
Таа тврди дека еден од тие поединци сега го советува Мисајловски, но во интервјуто не го откри неговиот идентитет.
„Едниот од тие сега е неформален советник на Мисајловски, претпоставувам дека сме го налутиле, ајде така да се изразам, затоа што не бил дел од процесот на одлучување, односно не сме сакале“, рече Петровска.
Прашана дали ангажирањето посредници би ја зголемило цената на набавката, таа оцени дека тоа би било логично поради дополнителните трошоци за нивниот ангажман. Нагласи дека одлуката била да се преговара исклучиво со производителот и дека така била спроведена постапката.
Петровска ги оспори и споредбите што, според неа, Мисајловски ги прави меѓу податоците добиени при анализата на пазарот и конечната договорена цена. Таа објасни дека во почетната фаза до производителите биле испратени барања за информации за техничките спецификации, капацитетите и можностите, а не барања за формални финансиски понуди.
Според нејзиното објаснување, официјална финансиска понуда била побарана по изборот на „Леонардо“ и одлуката за склучување меѓувладин договор со Италија. Таа понуда, со детално разработени цени за опремата и компонентите на хеликоптерите, станала составен дел од потпишаниот договор.
Поранешната министерка тврди дека постојат повеќе од 500 страници документација со кои може да се потврди текот на постапката.
„Сè е чисто како бел ден. Зошто Мисајловски манипулира? Повторно ќе кажам, или е погрешно брифиран од неформалниот советник или тоа свесно го прави“, изјави таа.

Во интервјуто беше прашана и за сличностите во ставовите на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и министерот Мисајловски во однос на договорот. Петровска ја спомена можноста за поврзаност преку истиот советник, но изречно нагласи дека тоа е само нејзино размислување.

