
САД планираат во живо да го пренесуваат погубувањето на Нидал Хасан, поранешниот воен психијатар осуден за убиството на 13 луѓе во базата Форт Худ во 2009 година. Пентагон ја потврди најавата, но деталите за преносот допрва ќе бидат објавени.

Извршувањето на смртната казна со стрелачки вод е закажано за 3 декември во истата воена база во Тексас каде што се случи нападот. Планот за пренос го потврди и американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет.
Хасан во нападот уби 13 и повреди 32 лица. Воен суд го осуди на смрт во 2013 година. Претседателот Доналд Трамп неделава го одобри погубувањето со стрелачки вод.
Доколку казната биде извршена, тоа ќе биде прво погубување во американската војска од 1961 година и прво со стрелачки вод од 1945 година. Преносот преку интернет би бил преседан за американските вооружени сили.
Најавата отвори правни и етички прашања за јавното прикажување на извршувањето смртна казна. Правни експерти предупредија дека се поставуваат прашања за достоинството на осуденикот и за опасноста погубувањето да се претвори во спектакл.
Во САД извршувањето смртни казни со децении се одвива без пристап на пошироката јавност. Планот на Пентагон претставува значително отстапување од таа практика.

