Skip to main content
Свет

Пекинг и Пјонгјанг потврдија зајакнување на соработката меѓу Кина и Северна Кореја

10/04/2026  19:49

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска изјави дека Кина е подготвена да соработува со Северна Кореја за заедничко спроведување на важниот консензус постигнат од највисоките лидери на двете партии и држави, како и за промовирање на практичната соработка.

Ванг ова го истакна за време на средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Пјонгјанг, пренесува агенцијата Синхуа. Тој ја нагласи потребата двата азиски соседа да ја подобрат координацијата во важните меѓународни и регионални прашања, со оглед на „меѓународната ситуација карактеризирана со испреплетени промени и хаос“.

Шефот на кинеската дипломатија, кој престојува во дводневна посета на Северна Кореја, вчера се согласи со својата севернокорејска колешка Чое Сон Хуи за зајакнување на билатералните односи врз основа на договорот од минатиот септември меѓу Ким и кинескиот претседател Си Џинпинг, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Чое му пренела на Ванг дека Пјонгјанг е подготвен да ги зајакне врските со Пекинг во годината кога двете земји одбележуваат 65 години од потпишувањето на сеопфатниот договор за соработка, јавуваат севернокорејските државни медиуми.

Посетата на Ванг на Пјонгјанг доаѓа пред посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина, закажана за средината на мај, откако претходно беше неколкупати одложувана поради американско-израелската војна со Иран.