
Париски суд прогласи за виновни 10 лица за онлајн вознемирување на француската прва дама, Брижит Макрон, поради објавување и споделување лажни и навредливи тврдења дека таа е родена како маж. Осум мажи и две жени, на возраст од 41 до 60 години, меѓу кои наставник по спорт, сопственик на уметничка галерија и публицист, добија казни од задолжителна едукација до осуммесечна условна затворска казна. Некои од нив добија и забрана за користење на социјалните мрежи на кои ги објавувале спорните содржини.
Судот утврди дека обвинетите ширеле навредливи тврдења за полот и сексуалноста на Брижит Макрон, како и споредби со педофилија во контекст на разликата во години со нејзиниот сопруг, претседателот Емануел Макрон. Ќерката на Брижит, адвокатката Типен Аузиер, сведочеше дека овие напади сериозно го нарушиле животот и здравјето на нејзината мајка: „Не поминува ден или недела без некој да ѝ зборува за ова. Најтешки се последиците врз семејството нејзините внуци слушаат навреди и лаги. Таа не е избрана функционерка и никогаш не побарала ваков јавен третман, а сепак е постојано мета на напади“, изјави Аузиер.

