Skip to main content
Македонија

Панделевски: Не барав привилегии, туку фер и законска постапка – обвинението падна но носледиците останаа

06/02/2026  10:55

Бизнисменот Панделевски со реакција по одлуката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да го повлече обвинението против него во предметот „Империја“, оценувајќи дека со ова, како што наведува, се потврдило дека против него не постоеле релевантни докази за сторено кривично дело.

Тој наведува дека обвинението за злоупотреба било повлечено откако, како што тврди, не бил утврден ниту еден оштетен акционер, додека во вториот дел од постапката, по изјавите на лица кои биле споменати во предметот, станало јасно дека нема фактичка и правна основа за продолжување на обвинителниот акт.

Со повлекувањето на обвинението, според Панделевски, се потврдува дека не постојат докази за намера за прибавување противправна имотна корист, ниту дека некој бил доведен во заблуда или дека тој имал влијание врз одлуките на акционерите.

Сепак, тој оценува дека исходот не го смета за победа, туку за, како што наведува, задоцнета институционална потврда дека правото и фактите мора да надвладеат. Посочува дека повеќегодишната постапка оставила последици врз неговиот личен и деловен интегритет, како и врз компаниите со кои е поврзан, поради правна неизвесност и нарушена деловна репутација.

Панделевски најавува дека во наредниот период ќе направи анализа на правните, економските и репутациските последици од случајот, по што ќе донесе одлука за понатамошните чекори, вклучително и за можноста за исправување на, како што вели, нанесената штета.

Во реакцијата додава дека случајот треба да послужи како предупредување за значењето на почитувањето на принципите на правична постапка, законитост и професионална одговорност во работењето на институциите, особено во предмети со висок јавен интерес.