Skip to main content
Свет

Пакистан распореди 8.000 војници и ескадрила борбени авиони во Саудиска Арабија

18/05/2026  18:25

Пакистан досега распореди 8.000 војници, ескадрила борбени авиони и систем за противвоздушна одбрана во Саудиска Арабија, во рамките на засилената воена соработка со Ријад и според договорот за заемна одбрана, соопштија денеска безбедносни функционери и владини извори.

Распоредувањето на пакистанските сили во Саудиска Арабија за првпат светските агенции го потврдија безбедносни функционери и владини извори, кои наведоа дека во Саудиска Арабија се распоредени пакистански борбено способни сили, чија намена е поддршка на земјата доколку биде нападната.

Според изворите, Пакистан распоредил цела ескадрила од околу 16 авиони, главно ловци JF-17 кои се испратени во Саудиска Арабија на почетокот на април.

Двајца безбедносни функционери изјавиле дека Пакистан во Саудиска Арабија испратил и две ескадрили дронови, а сите пет извори рекле дека распоредувањето вклучува околу 8.000 војници, како и кинески систем за противвоздушна одбрана HQ-9.

Според изворите, со опремата управува пакистански персонал, а тоа го финансира Саудиска Арабија.

Еден од владините извори, кој го видел текстот на доверливиот одбранбен договор, рече дека тој предвидува можност за распоредување до 80.000 пакистански војници во Саудиска Арабија, со цел да помогнат во обезбедувањето на границите на кралството, заедно со саудиските сили.

Условите на договорот за заемна одбрана, кој Пакистан и Саудиска Арабија го потпишаа минатата година, се доверливи, но двете страни по неговото потпишување соопштија дека тој бара двете земји меѓусебно да се бранат во случај на напад.

Пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Асиф претходно наговести и дека со тој договор Саудиска Арабија се става под пакистанскиот нуклеарен чадор.