
Лубеницата е вистински симбол на летото. Освен што освежува, таа содржи големо количество вода, ликопен, витамини и минерали, поради што е одличен избор за хидратација во топлите денови.
Ова овошје има ниска калориска вредност, а благодарение на влакната го подобрува варењето и го поттикнува метаболизмот, па често се препорачува и како дел од режимите за слабеење.
Покрај тоа, лубеницата позитивно влијае врз здравјето на срцето, помага во регулирањето на крвниот притисок и може да придонесе за подобра функција на бубрезите.
Експертите посочуваат дека поради високата содржина на вода, лубеницата има природно диуретично дејство.
„Ако се консумира во поголема количина, го поттикнува исфрлањето на течностите. Кај лица кои имаат песок или помали камења во бубрезите, може да помогне во нивното полесно исфрлање. Најкорисни се зрелите лубеници“, велат експертите.
Лубеницата може да ја консумираат речиси сите, вклучително и лицата со дијабетес, но кај нив се препорачува умерен внес поради природните шеќери што ги содржи.
Сепак, постојат и исклучоци. Лекарите советуваат претпазливост кај лицата кои имаат отоци или задржување течности во организмот. Во такви случаи, потребна е консултација со лекар за да се утврди дали причината е срцева слабост, заболување на бубрезите или друга здравствена состојба.
Исто така, експертите препорачуваат лубеницата да не се јаде доцна навечер, особено по 19 часот. Иако е лесна и богата со вода, навечер варењето се забавува, па може да предизвика надуеност, чувство на тежина во желудникот и дигестивни непријатности, особено ако се консумира непосредно пред спиење.


