Skip to main content
Македонија

Ова е Дарко Стојанов првиот пациент кој се лекуваше во странство по пожарот во Кочани

25/03/2025  20:19

Пристигна првиот пациент кој се лекуваше во странство. Станува збор за Дарко Стојанов кој во моментов е во добра здравствена состојба. Беше пречекан од министрите за здравство и за надворешни работи, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски.

Предмалку заврши прегледот од конзилиумот во Клиниката за Токсикологија. Тука ќе биде задржан најмалку 24 часа.

Според протоколите на Кризниот штаб во Министерството за здравство, формиран по трагедијата во Кочани, секој од пациентите како што ќе се враќаат во земјава, минимум 24 часа ќе бидат на опсервација во некоја од клиниките во земјава.

„Од вкупно 115 пациенти коишто се лекуваат надвор од државата, денеска се врати првиот пациент од Белград конкретно. Пациентот ќе биде на Клиниката за токсикологија, а потоа докторите тука и конзилиумот на лекари ќе одлучат како понатаму, дали треба да се испрати во друга клиника, дали треба да продолжи со лекување или може да се пушти во домашни услови. Следните денови очекуваме и други пациенти да ни се враќаат и посакувам сите 115 живи и здрави да ни се вратат во Македонија и да продолжат да живеат нормално“, рече Таравари.

Тој додаде дека очекува во текот на оваа недела во земјава да се вратат од осум до десет пациенти кои се на лекување во странство.

Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, изјави дека пациентот што се врати од Белград е во сосема подобрена општа клиничка состојба и извесен период од неколку часа или можеби до утре ќе биде опсервиран на Клиниката.

„Во моментот се прават некои клинички иследувања, тој е прегледан, во сосема добра состојба е, со добри клинички параметри. Ќе направиме некои наши иследувања за да бидеме сигурни дека можеме да го пуштиме да си оди дома кај семејството“, рече Чибишев.