Skip to main content
Македонија

Откриена спомен бистата на полицаецот Тоше Тодоровски, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“

27/09/2025  12:58

Во кругот на Полициската станица во Пробиштип, денеска се одржа свечена церемонија на откривање на спомен-биста во чест на храбриот полициски службеник Тоше Тодоровски, кој трагично го загуби својот живот извршувајќи службена задача во пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани.

На настанот присуствуваа неговото семејство, колегите, претставници на институциите, синдикатите и бројни граѓани, кои со достоинство и почит се поклонија пред делото на Тоше, кој загина спасувајќи млади човечки животи.

„Шест месеци по оваа голема трагедија, болката и тагата се уште се силни, но вечен ќе биде и споменот за неговата храброст и саможртва. Тоше останува симбол на посветеноста и пожртвуваноста на македонскиот полициски службеник – човек кој својот живот го стави во служба на заштитата на другите,” истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Министерот додаде дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да стои покрај семејствата на загинатите, да ја чува нивната жртва од заборав и да се бори за правда, во името на сочувството, достоинството и почитта кон оние кои најмногу изгубија.

Мартин Ефремов претседателот на Независниот синдикат на полицијата истакна дека со денешниот настан одаваат почит на загинатиот Тоше Тодоровски, а на неговиот татко Винко му порача дека пред шест месеци изгуби син, но какошто рече доби илијадници синови, ќерки, браќа и сестри во униформа, кои секојпат ќе бидат со него и семејството на Тоше.

-Нека оваа биста не потсети дека секој еден од нас можеше да биде на местото на Тоше, исто како и секој еден од нас можеше да биде на местото на било кој еден од осомничените преживеани колеги на трагедијата, коишто денеска по насоки на Јавното обвинителството се без плати, без придонеси и на работ на егзистенција. Колеги на којшто очајно им треба нашата помош, вели Ефремов.