Skip to main content
Свет

Осомничен за нападот врз висок руски разузнавач уапсен во Дубаи

08/02/2026  15:55

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека во Дубаи е уапсен маж осомничен за вооружениот напад врз високиот руски воен разузнавач Владимир Алексеев, кој неодамна беше тешко ранет во Москва.

Како што пренесуваат британските медиуми, осомничениот веќе е екстрадиран во Русија, каде што ќе се соочи со истрага. Станува збор за рускиот државјанин Љубомир Корба, кој, според ФСБ, се сомничи дека директно го извршил нападот.

Генерал-потполковник Владимир Алексеев, заменик-шеф на руската воена разузнавачка служба ГРУ, во петокот бил застрелан повеќепати во станбена зграда во Москва. Руските истражни органи потврдија дека по нападот бил подложен на хируршка интервенција.

Во меѓувреме, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја обвини Украина дека стои зад обидот за атентат, оценувајќи дека целта била нарушување на текот на мировните разговори. Од украинска страна беа отфрлени сите обвинувања за вмешаност во нападот.

Паралелно со овие случувања, директорот на ГРУ, адмиралот Игор Костјуков, ја предводеше руската делегација на преговорите со Украина во Абу Даби, каде што фокусот бил ставен на безбедносните аспекти на можен мировен договор.