Skip to main content
Скопје

Орце Ѓорѓиевски се сретна со „Анима Мунди“: Да создадеме Скопје кое ќе биде пример за хуманост

22/08/2025  20:49

Денес имав чест да остварам конструктивна средба со претставници на Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, новинарката Мери Јордановска, Ирена Ристиќ и волонтери од градот Скопје, објави на социјалните мрежи кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Разговаравме на тема која значи комплетна одговорност кон заедницата – хумано справување со проблемот на бездомните животни, а со тоа и зголемување на безбедноста на граѓаните во градот Скопје. Заеднички беше заклучокот дека преку вистински политики и искрена волја ќе изградиме град во кој животните нема да бидат заборавени, туку безбедно згрижени и заштитени и дека заслужуваме град каде што во целост ќе биде решено ова хуманитарно, но и здравствено, безбедносно и економско прашање.

На средбата споделивме и идеи за подобрување на условите во прифатилиштата, за контролирање на популацијата бездомни животни преку чипирање и нивна стерилизација, поттикнување на вдомувањето, едукација и подигање на свеста кај граѓаните за одговорно сопствеништво. Верувам дека заедно можеме да создадеме Скопје кое ќе биде пример за хуманост, град во кој граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, а секое куче ќе има право на достоинствен живот. Да градиме иднина во која грижата, љубовта и одговорноста ќе бидат темел на нашето заедништво“ објави Ѓорѓиевски.