
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, потпиша 67 Решенија за доделување еднократна парична помош за набавка на велосипеди.
И оваа година Општина Илинден ја реализира мерката за субвенционирање на велосипеди, со цел да се поттикне нивно почесто користење како еколошко и здраво превозно средство, како и да се промовираат здравите животни навики кај граѓаните. Преку оваа мерка, општината продолжува активно да придонесува за заштита на животната средина и намалување на загадувањето.
Мерката е дел од Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани на Општина Илинден за 2026 година. По завршувањето на јавниот повик, кој траеше до 30 април, право на финансиска поддршка остварија 67 граѓани кои ги исполнија утврдените критериуми и доставија комплетна документација.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на набавениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по корисник. Се известуваат граѓаните кои го оствариле правото на субвенција да ги подигнат Решенијата од архивата на Општина Илинден, со цел да се реализира исплата на одобрените средства.

