Skip to main content
Свет

Опасноста од пожар и понатаму е на критично ниво во Калифорнија, наредена е евакуација

23/01/2025  08:35

Опасноста од пожар и понатаму е на критично ниво во Јужна Калифорнија, каде што илјадници жители добија наредба да се евакуираат поради пожарот што останува надвор од контрола во близина на Кастаик во северниот дел на округот Лос Анџелес.

Пожарот што ги зафати окрузите Лос Анџелес и Вентура изгоре повеќе од 9.000 хектари и е локализиран, изјави началникот на противпожарната служба на округот Лос Анџелес, Ентони Мароне. Нема информации дека биле оштетени згради, рече Мароне на прес-конференција.

Кастаик се наоѓа на околу 25 километри северозападно од градот Санта Кларита и се граничи со Националната шума Анџелес. Од 31.000 жители на градот, 23.000 добиле наредба за евакуација, според шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна.

„Имаме повеќе од 4.000 пожарникари назначени за овој инцидент“, рече Мароне. „Ситуацијата останува динамична, а пожарот и понатаму е тешко да се контролира, иако ние имаме предност“, додаде тој.

Националната метеоролошка служба го продолжи предупредувањето до утре наутро за повеќето окрузи Лос Анџелес и Вентура, а умерениот ветер продолжува да дува низ областа, рече Мароне.

Пожарот Хјуз избувна вчера во близина на езерото Кастаик, северно од каде противпожарните екипи работат на целосно гаснење на пожарите Палисадес и Итон кои изгореа повеќе од 40.000 хектари и оставија 28 мртви од избувнувањето на 7 јануари.

„Условите во кои се наоѓаме не се толку тешки како оние со кои се соочувавме минатата недела или две, но она што го видовте (вчера) е показател за условите во кои се наоѓаме, во однос на вегетацијата“, рече Роберт Гарсија, началникот на пожарникарската национална шума Анџелес.

Областа каде гори пожарот е позната по своите суви, тревни ридови, додаваат пожарникарите, што ги прави условите за пожар таму „критични“, рече Гарсија.

Новиот пожар избувна северно од два големи пожари кои се уште се активни и уништиja повеќе населби претходно овој месец.

Два други пожари избувнаа на југ, во близина на Сан Диего и Оушансајд, соопштија официјални лица. И двaтa се со помал обем, но ги зафатија населените области. Пожарникарите успеаја да ги стават под контрола и двата пожари, наредбите за евакуација главно беа укинати, а натамошното ширење на огнот беше запрено.

Во округот Лос Анџелес, локалните медиуми ги прикажаа жителите во Хјуз како прскаат со вода нивните домови и дворови и оние кои решиле да се евакуираат.

Регионот повторно е под црвен аларм, што укажува на висок ризик од пожар поради силните ветрови и сувите услови со ниско ниво на влажност.

Една жена која го евакуирала својот дом изјавила за NBC 4 дека била заглавена на автопатот што минува низ областа и ги поврзува северна и јужна Калифорнија.

„Изгледаше како облак, но кога се приближив, изгледаше како да возиме во пеколот“, рече таа за темниот чад и црвениот пламен што ги виде. „Беше прилично страшно, да бидам искренa“.