
Над 9.000 лица се заболени во Србија од заболување налик на грип. Лекарите предупредуваат дека станува збор за мутирани вируси кои ги погодуваат сите возрасти, но на мета се постарите лица и децата.
Педијатарот д-р Саша Милиќевиќ за Nova.rs вели дека здравствените установи се преполни со пациенти со симптоми слични на грип, но лабораториските наоди покажуваат дека не станува збор за класичен грип. „Овие вируси имаат изменета структура, поради што имунолошкиот систем тешко ги препознава, а болеста често се јавува и кај лица кои неодамна прележале друга инфекција“, објаснува тој.
Најчести симптоми се ненадејна и многу висока температура, која во одделни случаи достигнува и над 40 степени, болки во мускулите и зглобовите, силна малаксаност, губење апетит, поспаност, а кај дел од пациентите и дијареја, што го зголемува ризикот од дехидратација.
Децата побрзо закрепнуваат, додека кај возрасните болеста трае подолго и е потешка. Лекарите предупредуваат дека антибиотиците не делуваат, бидејќи станува збор за вирусна инфекција, и апелираат на одмор, изолација, внесување многу течности и симптоматска терапија.
Вирусот се пренесува преку кивање, кашлање и близок контакт, како и преку контаминирани раце и предмети. Затоа, лекарите советуваат лицата со симптоми да останат дома најмалку неколку дена, со цел да се спречи понатамошно ширење на инфекцијата.

