Skip to main content
Македонија

Огромен пожар ја зафати фабриката „Винчини“ во Виница – ангажирани пожарникари од повеќе градови

06/09/2025  20:39

Попладнево избувна пожар во фабриката за кандирани производи и вафли „Винчини“ во Виница, кој зафатил дел од магацинот и неколку производни погони, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Денес, во 18:40 часот, во ЦУК преку бројот Е-112 е добиена пријава за пожар во фабриката ‘Винчини’. Огнот го зафатил магацинот и производствените погони 6, 7 и 8. На терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари“, стои во соопштението.

ЦУК информира дека градоначалникот на Виница добил насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини. Веќе се ангажирани екипи од ТППЕ Кочани и ДПД Кочани, како и дополнителни ресурси, а поддршка е побарана и од Македонска Каменица и Штип.

„Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари“, нагласува директорот на ЦУК, Мухамед Али.