Skip to main content
Македонија

Одлука на Ромската фондација за Европа да донира 10.000 евра за поддршка на семејствата на жртвите во пожарот во Кочани

22/03/2025  18:22

Ромската фондација за Европа изрази сочувство за жртвите во пожарот во Кочани и соопшти дека донела одлука да донира 10.000 евра за поддршка на семејствата на младите кои трагично ги загубија животите во несреќата.

-Најдлабоко сочувство поради трагичната загуба на 59 млади животи во Кочани, Северна Македонија. Овие млади луѓе не беа само сакани деца, браќа, сестри и пријатели – тие беа иднината на оваа земја. Нашите мисли се со семејствата, заедниците и сите погодени од оваа незамислива загуба, соопшти Фондацијата.

Нејзиниот претседател Жељко Јовановиќ ја посетил Амбасадата на Северна Македонија во Брисел за да изрази солидарност и сочувство. Тој се потпишал во книгата на жалост и го информирал амбасадорот на Северна Македонија во Европската Унија, Зулфи Исмаили, за одлуката на Фондацијата да донира 10.000 евра како поддршка за семејствата на жртвите.

-Оваа трагедија не е само огромна лична загуба, туку и болен потсетник на системските пропусти. Не смееше да се случи – и не смееме да дозволиме повторно да се случи. Потребно е да се зајакнат структурните мерки за заштита на луѓето, особено на младите, од вакви несреќи кои можат да се спречат. Нека споменот на оние што ги загубивме биде повик за акција: за поодговорно општество, за поголема безбедност и за иднина во која вакви трагедии повеќе нема да се случуваат, истакнал Јовановиќ.

Фондацијата во соопштението наведува дека Европскиот институт за ромска уметност и култура, Фондот за образование на Ромите, Иницијативата за развој на ромското претприемништво и Роми за демократија се придружуваат на Фондацијата Роми за Европа во изразувањето поддршка за жртвите од оваа трагедија