
Откако на минатото рочиште одекна информацијата дека во ќелијата на обвинетиот Џеваир Камбери биле пронајдени 13 мобилни телефони и лаптоп, неговата одбрана денеска, пред почетокот на главната расправа, излезе со целосен демант, тврдејќи дека уредите не му припаѓаат нему.
Бранителот на Камбери пред судот соопшти дека во меѓувреме е утврден вистинскиот сопственик на забранетите предмети. „Детектиран е сопственикот на тие телефони и лаптопот, кој самиот се пријавил и признал. Тоа не е Камбери, со сигурност ви тврдам, и го молам судот да ја побара оваа информација од затворот“, изјави адвокатот.
Судијката Дијана Груевска Илиевска остана на ставот дека само ги пренела официјалните податоци добиени од управата на затворот: „Јас не тврдам, туку ја прочитав информацијата од затворот“.
Овој развој на настаните уследува откако претходно Камбери, обвинет за примање поткуп и фалсификување службена исправа за лиценците на „Пулс“, тврдеше дека „телефоните ги нашол во ќелијата кога влегол“.

