Skip to main content
Македонија

Одбраната на обвинетите вработени во Министерството за економија, тврди дека тие вршеле само службена проверка на документацијата за лиценци

11/12/2025  14:03

Одбраната на обвинетите вработени во Министерството за економија, тврди дека тие вршеле само службена проверка на документацијата за лиценци, без можност да предизвикаат или да придонесат кон пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година. Во своите воведни говори пред Судот укажаа дека „ниту им било обврска, ниту надлежност по закон да вршат проверка на било какви услови“ и дека немале ниту можност да вршат проверка дали кој било документ доставен до нив по закон е точен или неточен. Нивната работа, како што тврдат, е од управна постапка, без право на увид во објектот – административна, а не инспекциска и „работат со документација која доаѓа заверена и потпишана со одговорност од други институции“.

Обвинението против поранешниот државен советник во Министерството за економија Шовкет Хазари, обвинет во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е правно неосновано, нелогично конструирано и не содржи елементи што го поврзуваат со трагичниот настан од 16 март 2025 година, оцени неговиот бранител Петре Шилегов во воведните зборови пред судот. Според него, Хазари, кој во Министерството работел од 2005 до 2020 година и во моментов е пензионер, само вршел службена проверка на документацијата за лиценци, без можност да предизвика или да придонесе кон пожарот.

Во своето обраќање, Шилегов ја оцени како апсурдна тезата дека Хазари, во периодот од декември 2013 до март 2019 година, се согласил дека во 2025 ќе настане пожар во ноќен клуб во Кочани. Обвинението против Хазари, рече, „не заслужува да носи име обвинителен акт“, појаснувајќи дека тоа што му се става на товар е дека „бил свесен дека може да настапи штетна последица и се согласил со нејзиното настанување во периодот од декември 2013 до март 2019 година“.

– Со кои средства го сторил делото? Со лиценца за угостителска дејност кабаре од 25.11.2013 година. Предметот бил изработен и контролиран од вработени во Министерството за економија, а Хазари дал согласност. За лиценца за угостителска дејност кабаре од 10.12.2014 година, изработена и контролирана од вработени во Министерството за економија, а Хазари ја проверил. За лиценца за угостителска дејност кабаре од февруари 2017 година. Изработена и контролирана од други вработени во Министерство за економија, а од обвинетиот била проверена. И, за лиценца од 28.03.2018 година. Исто така, изработена од лица во министерството, а проверена од Хазари, изјави Шилегов.

Додаде дека токму поради тежината на настанот, судот мора да донесе правно издржлива пресуда, која, како што нагласи, не смее да резултира со неправда за ниту еден од обвинетите.

– Исправени сме сите заедно пред судот, најмногу пред предизвикот да се донесе правно издржлива пресуда којашто, колку-толку, може да даде сатисфакција во оваа постапка, но судот мора да донесе и пресуда што не смее да нанесе неправда на ниту еден од осомничените. А во оваа постапка, особено не на мојот клиент … Долго размислував дали да одиме со читање на кривичните дела, од целосна почит кон Обвинителството, но за жал тоа ќе морам да го сторам, бидејќи правно по аналфабетски памфлет немам видено и ова не заслужува да го носи името обвинителен акт, рече Шилегов.

Во однос на обвинувањето за соизвршителство, Шилегов истакна дека тоа бара објективен и субјективен елемент, односно заедничко учество во извршување на делото и свесна согласност меѓу учесниците. Како клучна правна нелогичност ја посочи и примената на т.н. теорија на каузалитет.

– Нема докази дека Хазари внел, однел, запалил или презел дејствија за да биде соизвршител, рече Шилегов, нагласувајќи дека обвинението е „апсурдно“ поради тврдењето дека 34 обвинети се познавале, се договориле и свесно ја запалиле дискотеката. Колку што мене ми е познато, Хазари првпат оди во Кочани кога е уапсен. Како тоа помогнал да се запали дискотеката и како ја запалил? Врв на апсурдноста е она што Обвинителството го нарекува теорија на каузалитет … Со секое ново издавање лиценца, претходната престанува да важи. Не може Шовкет Хазари да биде виновен по тој основ. Кој одлучува од каде почнува каузалитетот, рече Шилегов.

Според логиката на Обвинителството, вели, на обвинителна клупа треба да бидат и сегашни функционери, а не, како што рече, само поранешни функционери и директори. Шилегов се осврна и на пасивноста на Обвинителството. – Па го прашувам обвинителот што правел 13 години? Доколку одиме по теоријата на обвинителството, тогаш обвинителот ќе требаше да го слуша, а не да го чита обвинителниот акт, рече Шилегов

Одбраната на Зоран Николовски, вработен во Министерство за економија до декември 2013 година, адвокатот Еленко Миланов, во воведен збор рече дека Николовски во ова обвинение се појавува за издадена лиценца во 2012 и 2013 година, како еден од лицата коишто контролирале и дале согласност на тоа дека постојат услови за давање на таа лиценца.

Миланов, нагласи дека во 2012 година, пред издавањето на првата лиценца согласно важечкиот закон за угостителска дејност Николовски надвор од својата обврска пуштил допис до Државниот пазарен инспекторат и побарал, по што добил записник со кој се констатира дека сè уште не се довршени градежните активности и согласно на она што му е обврска во рокот од 15 дена носи решение за одбивање на барањето.

– Ова не мора да го докажуваме затоа што е неспорно. Зоран Николовски повторно доставува барање до ДПИ за исполнетост на минимално технички услови, за во рокот од 15 дена биде донесена одлука во Мин за економија и добива записник од 13 декември 2012 година од ДПИ дека се исполнети минимално техничките услови за работа на објектот, дека има обезбедено записник од Министерството за труд и социјална политика, трудова инспекција. Согласност од МВР за сообраќајно решение, елаборат за заштита при работа и елаборат за заштита од пожари. Тоа е доказот што го има и Обвинителсттвото. И Зоран Николовски 15-тиот ден учествува во изработка на таа лиценца од 2012 година и последниот ден лиценцата е издадена. Која е кривичната одговорност или каузална врска со ова постапување на Зоран Николовски со настанот во 2025 година на овој пожар, изјави Миланов.

Оваа лиценца, нагласи Миланов е со рок од една година и не е пренослива, но тој го сметаат за обвинет за нешто за што ниту знаел, ниту можел да знае какви биле минимално техничките услови во оваа дискотека на 16 март 2025 година.

Миланов, исто така, укажа и на тоа дека лиценцата од 25.11.2013 година е контролирана од Лилјана Илиевска и Зоран Николовски, но за Зоран Николовски има каузална врска за овој пожар, додека за Лилјана Илиевска има наредба за запирање на истрагата.

– И за Лилјана Илиевска нема каузалитет и причинско-последична врска, и нема евентуална умисла, но за Зоран Николовски има. За исто постапување, во ист временски период. Едно лице добива наредба за запирање на постапката со оглед дека нема елементи за дело, и Зоран Николовски добива обвинителен акт. Колку што ми е познато, тоа е факт, дека сите граѓани се еднакви пред законот. И каква е таа еднаквост, со вакви две дијаметрално спротивни одлуки, изјави Миланов.

Фактот дали има разлика или нема, нагласи Миланов, ќе бараме да го докажеме со прибавување на наредбата за прекинување на истрагата за Лилјана Илиевска, за да може да видите дека идентичноста на постапувањето на Зоран Николовски со државен службеник во идентичната служба се третира различно.

Обвинетиот Зоран Николовски, пред Судот укажа на улогата на Секторот за туризам при Министерството за економија, за кој законодавецот го ставил само во форма на водење на општа управна постапка и барањето за издавање лиценца е сè уште важечко и ден денес.

– Сè уште и ден денес издаваат лиценца од канцеларија, единствено нешто што е сменето е зголемената контрола. Тука се содржани елементите што точно бараме. Никогаш во животот ниту сум излегол и знам каде е „Пулс“, нити некој друг објект. Нити ни било обврска, надлежност по закон да вршиме проверка на било какви услови, а тоа ќе го докажеме со едно интервју на Републичкиот јавен обвинител каде објаснуваше која е надлежноста на министерот за економија и ќе го имате како доказен материјал. Ние никогаш не сме биле во можност, ниту да излеземе, ниту да вршиме проверка дали кој било документ доставен до нас по закон е верен, точен или неточен. Така сум постапил првиот пат кога ја одбивме лиценцата и по закон сум постапил и вториот пат кога се доставени потребните документи, изјави Николовски.

Според Николовски, неговата причинско последична врска завршува со член 22 – „Лиценцата од член 20 од овој закон се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на вршителот за угостителска дејност и важи за период од една година“, како и став 2, „Лиценцата не може да се пренесува“.

– Тука е завршен и мојот континуитет, јас во 2013 година веќе не работам во Министерството. Ниту сум можел да делувам ниту позитивно, ниту негативно понатаму, ниту во овој процес, ниту во кој било друг процес што произлегува во законот за угостителска дејност, изјави Николовски.

Одбраната на Беким Хаџиу и Арлинда Касапи, од Министерство за економија, адвокатката Софија Лаличиќ, во воведен говор за двајцата обвинети, рече дека товарот за трагедијата во дискотеката „Пулс“ не смее неправедно да падне врз двајца административни службеници чии надлежности не се ниту технички, ниту инспекциски, ниту безбедносни.

Хаџиу и Касапи се државни службеници во Министерството за економија кои постапувале при изработување на лиценци, строго во рамки на нивните законски овластувања. Обвинението тврди дека тие издавале лиценци за вршење угостителска дејност за кабаре „Пулс“ иако објектот не ги исполнувал минимално техничките услови и со тоа свесно прифатиле дека може да настане штетна последица. Но, доказите што ќе ги видите во оваа постапка ќе покаже нешто сосема спротивно. Овие две лица не се архитекти на трагедијата, не се носители на ризик, не се креатори на опасност и не се оние што требале да проверуваат хидранти, инсталации, излези. Не се оние што го преполниле клубот, не се оние што ја запалиле пиротехниката и не се оние што спасиле или не спасиле некого. Нивната работа е од управна постапка, без право на увид во објектот. Значи, административна, а не инспекциска. Тие не вршат инспекциски контроли, тие работат со документација која доаѓа заверена и потпишана со одговорност од други институции, изјави Лалетиќ.

Воведен збор останува да даде и одбраната на обвинетите пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, а преостанува и воведниот збор на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.