Skip to main content
Македонија

Од вкупно 27 пожари на отворен простор, активни се шест

14/08/2025  19:20

На територијата на државата до 18:00 часот има вкупно 27 пожари на отворен простор, од кои активни се шест пожари, еден е под контрола и изгаснати 20 пожари, информираат од Центарот за управување со кризи.

Активен е пожарот на подрачјето на „Јасен“ каде гори мешана шума и пожарот на потегот меѓу селата Девич и Грешница, во Општина Македонски Брод, каде гори ниска вегетација. Горат пасишта помеѓу селата Рогачево и Јажинце, во Општина Јегуновце, нискостеблеста шума кај селата Челопек и Милетино, во Општина Брвеница, стрниште кај село Аранѓел и ниска вегетација, кај село Мало Церско, во Општина Кичево.

Под контрола е пожарот кај место викано „Октишка Краста“, во Општина Струга каде гореше ниска вегетација.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа, денеска беа присутни на терен кај селото Октиси.

-Пожарот, иако имаше големи размери, е ставен под контрола, но на одредени места сè уште има чадења кои се внимателно следени од екипите на терен. Во гаснењето дејствува и авион „Ер трактор“ од ДЗС, кој интервенира од воздух, како и  шест пожарникари и едно противпожарно возило од ТППЕ – Струга, десет лица од ЈП „Македонски шуми“, две возила „Пинцгауер“ од ДЗС и локални жители. Благодарение на навремената интервенција, координацијата на сите служби и несебичната помош на локалното население, спречено е ширење на пожарот кон населени места, објави ЦУК.