Skip to main content
Македонија

Од трагедијата во „Пулс“ до признание во Стокхолм: Награда за херојството на Јован

17/08/2026  17:22

Дваесетгодишниот Јован Костадинов од Виница, кој во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани спаси 21 човечки живот, е еден од 16-те добитници на престижната награда „Младинска храброст 2026“ (Young Courage Award).

Меѓународното признание го доделува Академијата „Раул Валенберг“, во соработка со Шведскиот институт и шведските амбасади, а е наменето за млади луѓе на возраст од 13 до 20 години кои со храброст, морални вредности и конкретни постапки придонесуваат за позитивни промени во своите заедници.

Костадинов го привлече вниманието со својата исклучителна храброст за време на катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани во март 2025 година. Во моментите кога животите на голем број млади луѓе беа во опасност, тој помогна да бидат спасени 21 лице.

Наградата „Младинска храброст“ е востановена во 2015 година во чест на Раул Валенберг и им оддава признание на младите кои, и покрај ограничените ресурси и тешките околности, покажале исклучителна храброст, иницијатива и подготвеност да им помогнат на другите.

Од Амбасадата на Шведска во Скопје посочуваат дека годинава наградата опфатила повеќе земји од кога било досега. Добитниците биле избрани од номинации поднесени од граѓани, училишта и амбасади од 15 земји, меѓу кои и Северна Македонија.

Свечената церемонија за доделување на наградите е закажана за 27 август, на Денот на Раул Валенберг во Стокхолм. Лауреатите од 25 до 28 август ќе учествуваат и во едукативната програма „По стапките на Раул“, во чии рамки е предвидена и средба со шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард.

„Во време кога улогата на младите во обликувањето на општеството премногу често се потценува, поважно од кога било е да ги препознаеме оние кои создаваат позитивни промени во своите заедници и пошироко преку храброст, морални убедувања и конкретна акција“, порача Ана Уромби, генерална секретарка на Академијата „Раул Валенберг“.

Според неа, годинашните добитници покажуваат како младите можат да ги претворат вредностите во конкретни дела и вистински да придонесат за подобар живот на другите, во духот на Раул Валенберг.

Генералната директорка на Шведскиот институт, Мадлен Шестед, истакна дека проширувањето на наградата во повеќе земји е потврда дека младинскиот ангажман претставува глобална сила.

„Со својата ангажираност, добитниците на наградата ‘Младинска храброст’ покажуваат дека тие не се само иднината, туку веќе денес се клучни двигатели на позитивните промени“, изјави Шестед.

Покрај Јован Костадинов, годинашните добитници доаѓаат од Австралија, Канада, Грција, Унгарија, Монако, Црна Гора, Нов Зеланд, Норвешка, Полска, Србија, Шведска, Танзанија, Уганда и САД.

Меѓународното признание за Костадинов е уште едно потсетување на храброста покажана во една од најтрагичните ноќи во поновата македонска историја – храброст со која еден млад човек помогна да бидат спасени 21 човечки живот.