Skip to main content
Македонија

Од Скопје до Крушевац: Како тони марихуана минувале незабележано преку граница

19/08/2026  00:08

Повеќе од пет тони марихуана биле пренесувани од Северна Македонија во Србија преку организиран синџир во кој, според судски документи, биле користени камиони со легално декларирана стока, патнички возила и магацини од двете страни на границата, објави БИРН.РС.

Според пресуда на Основниот кривичен суд во Скопје, донесена по спогодба за признавање вина, еден од обвинетите признал учество во транспортот на големи количини марихуана од Македонија кон Србија. Тој е осуден на три години и шест месеци затвор, додека уште едно лице, исто така по спогодба, добило затворска казна од три години и осум месеци.

Случајот го привлекол вниманието откако во јануари годинава во Србија се запалила приколка од камион кој неколку часа претходно ја поминал македонско-српската граница. Според документацијата, камионот превезувал текстилна стока наменета за извоз во Велика Британија, но истрагата покажала дека претходно во него била натоварена голема количина марихуана.

Според судските наоди, приколката била запалена за да се прикријат трагите од транспортот и да се објасни исчезнувањето на легалната стока која, согласно царинската документација, требало да се наоѓа во камионот.

Две недели подоцна, српската полиција во објекти во близина на Крушевац пронашла повеќе од 4,9 тони марихуана. Дел од истата пратка веќе бил пренесен кон Белград.

Истрагата, според БИРН.РС, покажува дека на едниот крај од синџирот била скопска компанија со дозвола за одгледување и преработка на канабис за медицински цели, а на другиот магацин во Србија. Меѓу нив функционирала мрежа од товарни и патнички возила, како и повеќе лица задолжени за преземање, препакување, транспорт и складирање на дрогата.

Според пресудата, во ноември 2025 година скопската компанија набавила повеќе од 8,8 тони сув цвет од канабис од фирма од Струмица. Марихуаната била складирана во Скопје, а потоа работници речиси две недели ја пакувале во двојни вакуумски пакувања од по еден килограм. По десет вакви пакувања биле ставани во картонски кутии.

По завршувањето на пакувањето, вработените биле испратени на колективен одмор, а на почетокот на јануари започнала подготовката за транспорт.

На 13 јануари кутиите со марихуана биле пренесени на локација во околината на Свети Николе. Истовремено бил подготвен камион со легално оцаринета стока и царинска пломба.

Според судските наоди, на локација во близина на Свети Николе пломбата била отворена, дел од легалната стока бил изваден, а на нејзино место биле ставени кутии со марихуана. Потоа камионот повторно бил подготвен за продолжување на патот.

Во пресудата, како што наведува БИРН.РС, не е објаснето на кој начин царинската пломба била отстранета и повторно поставена, што остава отворено прашање дали била заменета со идентична или некој од поширокиот синџир бил вклучен во операцијата.

Камионот ја преминал границата непосредно пред полноќ и продолжил кон Србија. За време на патувањето неколкупати застанувал, а според пресудата во повеќе наврати бил исклучуван и GPS-системот.

Рано наутро возилото пристигнало во близина на Крушевац, каде кутиите со марихуана биле истоварени во магацин. Камионот потоа продолжил кон Белград и Нови Сад.

Во ноќта на 15 јануари, кај Ковиљ, приколката на камионот се запалила. Според судските наоди, пожарот бил намерно предизвикан со цел да се уништат доказите за транспортот на дрогата.

Неколку дена подоцна дел од марихуаната бил пренесен кон Белград, каде полицијата запленила близу 100 килограми. На 29 јануари следувала голема полициска акција, при што во куќа, помошни објекти и магацин биле пронајдени повеќе од 4,9 тони марихуана.

Судската документација покажува дека јануарската пратка не била прва.

Според пресудата, истата или слична шема била применета најмалку четири пати во текот на 2025 година. Во еден случај камион излегол од Македонија пријавен како празен, но по враќањето бил полесен за повеќе од 1,2 тон.

Во друг случај товарно возило што превезувало прехранбени производи било измерено на излез од Македонија со околу 640 килограми поголема тежина отколку при царинењето.

Следните транспорти биле декларирани како пратки со перници и јоргани, но и кај нив биле евидентирани разлики во тежината и задржувања на исти локации во Србија.

Според БИРН.РС, во сите случаи се повторувал сличен образец – камион со навидум уредна документација, патнички возила што го следат транспортот, задржување во близина на магацинот во Србија и враќање на дел од учесниците во Македонија.

По големата заплена во Србија, македонската полиција при претрес на скопската фирма кон крајот на јануари пронашла уште околу 9,6 тони сув цвет од канабис, како и големи количини непрочистен екстракт од масло од канабис.

Во Србија во јули е поднесено обвинение против шест лица, додека во Македонија истрагата е проширена со уште седум осомничени.

Едно од клучните прашања што останува отворено е како толкави количини дрога во повеќе наврати успевале да ја поминат државната граница.

Од достапната пресуда не може да се утврди дали истрагата опфаќала евентуална помош од лица во царинските служби, политички контакти или вмешаност на други лица од државниот апарат.

Извор: БИРН.РС