
Владата на Република Северна Македонија усвои нова методологија за финансирање на основното и средното образование, која од 1 јануари 2026 година ќе овозможи распределба на средства според реалната цена на образованието по ученик. Новата формула предвидува праведна распределба на средства за основно и средно образование, со посебна поддршка за ученици со посебни потреби, наставата на малцински јазици и развој на дефицитарни струки, како и оптимизација на училишната мрежа и воведување едносменско работење.
На денешната прес-конференција во Министерството за образование и наука, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, рече дека промената на формулите за пресметка на блок дотациите била неопходна, од причина што постојните не обезбедуваат ефикасност во финансирањето.
Во моментов, како што информираше, дури 90 проценти од средствата кои ги добиваат општините се користат за исплата на плати и режиски трошоци на училиштата, што е значително над просекот во ЕУ каде изнесува 70 проценти. Блок дотациите, дополни дека растат, но најчесто само за да се покрие растот на платите, а не и за развој на училиштата и за подобрување на квалитетот на наставата.
Јаневска појасни дека новата формула за финансирање на основното образование има две компоненти – основна и варијабилна.
-Основната ќе го покрива стандардизираниот трошок по ученик, кој утврдивме дека изнесува 112.747 денари на годишно ниво. Тука влегуваат платите и придонесите на вработените, нивното стручно усовршување и режиските трошоци на училиштето. Оваа компонента го зема предвид степенот на развој на училиштата што е пресметан со коефициент во вредност од 0,75 до 2,55. Така што, поразвиените училишта ќе добиваат помал, а помалку развиените училишта согласно пропишаниот норматив за простории и опрема, ќе добиваат поголем износ, за да се забрза нивниот развој. Варијабилната компонента ја сочинуваат трошоците за превоз на ученици, поддршка за ученици со посебни образовни потреби, за учениците кои следат настава на турски, босански и српски и за ученици кои следат настава во подрачни училишта, рече министерката.
Формулата за пресметка на блок дотации за средното образование, исто така ќе го покрива основниот трошок по ученик со сите компоненти за плати, придонеси и режиски трошоци. Овој трошок по ученик е утврдено дека изнесува 103.589 денари за цела година.
Министерката Јаневска појасни и дека основниот трошок по ученик се множи со вкупниот број на ученици во гимназиско образование, а за средното стручно образование се множи со број на ученици во средно стручно и со пондерите за одделните групи сектори, што значи дека поголем износ ќе добиваат училиштата кои нудат дефицитарни струки и области, во кои постои потенцијал за развој како – земјоделска, машинска, електронтехничка, сообраќајна и ветеринарна. Варијабилниот трошок пак, зависи од учениците со посебни образовни потреби и оние кои следат настава на турски и српски наставен јазик.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерката Весна Јаневска истакна дека најголемите пропусти на старата формула за финансирање биле неефикасната распределба на средствата, каде што до 98 проценти од блок дотациите во некои општини се трошеле исклучиво за плати и режиски трошоци, без простор за развој на училиштата. Новата формула, која се базира на реалната цена на образованието по ученик, како што рече, овозможува праведно финансирање и во основното и во средното образование, со посебен фокус на стручните училишта кои имаат поголеми потреби од простор, опрема и материјали. Таа ќе овозможи оптимизација на училишната мрежа, подобрување на условите за наставниците и учениците, како и постепено воведување на едносменско работење, особено надвор од Скопје, со цел рационално користење на ресурсите и вложување таму каде што е најпотребно.
Поздравувајќи го усвојувањето на новата методологија за пресметка на блок дотации, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, рече дека оваа реформа претставува стратешки пресврт кон градење на поефикасен и поинклузивен образовен систем.
-Новата методологија ќе им помогне на училиштата подобро да одговорат на различните потреби на учениците преку дополнителна поддршка за вклучување на децата со посебни образовни потреби, оние што учат на јазиците на помалите етнички заедници и оние што потекнуваат од социјално ранливи семејства, рече Милер, додавајќи дека новиот начин на пресметка и распределба на блок дотации ќе им помогне на општините и побрзо да ја оптимизираат училишната мрежа и да воведат едносменска настава.
Според Бојана Нацева, виш специјалист за образование на Светска банка, методологијата поттикнува транспарентност и отчетност во трошењето на јавните средства. Со јасни критериуми и правила, секоја општина ќе може да ги распредели средствата до општинските училишта, што ја зголемува довербата во образовниот систем и ги мотивира училиштата да работат поефикасно.
-Зголемувањето на средствата за стручно образование и обука со новата формула за финансирање, како и постојаниот раст на интересот на компаниите за вклучување во образовниот процес, се важни предуслови за подобрување на квалитетот на стручното образование и обука. Само со соработка помеѓу институциите и приватниот сектор може да создадеме стручно образование коешто ќе им овозможи на младите подобри можности за вработување, рече Курт Витрих, Тим лидер на проектот „Образование за вработување“ финансиран од Швајцарската амбасада.
Виктор Митевски од Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ посочи дека иако формално овој процес не е дел од иницијативата за Отворено владино партнерство, од самиот почеток се водеше според највисоките принципи на вклученост, транспарентност и отворен дијалог. МОН како носител на процесот, ги обедини искуството на државните службеници кои со децении ја познаваат оваа проблематика со знаењето на над дваесет експерти од сите релевантни области, ангажирани од Светска банка и УНИЦЕФ, преку ЗМАИ и се донесоа квалитетни решенија за македонското образование.
За примена на новата методологија, ќе следат обуки за општинските администрации и вработените во училиштата, воедно, за училиштата е предвиден и период на прилагодување.