Skip to main content
Македонија

Очевидец за хоророт во дискотеката: „Кочани е мртов град“

19/03/2025  23:27

Македонија и регионот тагуваат по страшниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 лица, а повеќе од 150 беа повредени. Несреќата се случи во ноќта меѓу саботата и неделата, оставајќи зад себе шок и неверување.

Очевидци сведочат за хоророт што се случувал во клубот додека пламените јазици голтале сè пред себе. Влатко Здравков, еден од присутните во кобната ноќ, за „Дојче веле“ изјави:

„Кочани е мртов град. Нема да закрепне со генерации. Стотина луѓе лежат… веднаш одредуваме кој има пулс, да ги спасиме. Да ги ставиме во коли, да ги однесеме. Тие што немаат… веднаш беа отстранети“, раскажува Здравков со треперлив глас.

Според него, причините за смртта биле различни – некои изгореле, некои биле згмечени, а дел починале од задушување или електричен удар. „Тоа се нашите деца… децата ни загинаа“, додава со болка.

Во знак на почит кон жртвите, утре ќе се одржи колективен погреб. Надлежните донесоа одлука да се забрани употребата на дронови во Кочани и Штип, а многу македонски медиуми веќе најавија дека нема да известуваат за погребите, почитувајќи ја приватноста на семејствата на загинатите.

За медиумите што ќе известуваат, издадено е посебно упатство до новинарите за да се избегнат несакани сцени и дополнително вознемирување на јавноста и блиските на жртвите.

Видео на следниот ЛИНК