Skip to main content
Македонија

Обвинителството побара доживотен затвор за обвинетите за убиството на Вања и Панче

11/06/2025  12:49

На второто рочиште од завршните зборови во судењето за двојното убиство што ја потресе јавноста – на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес – обвинителството побара максимална казна: доживотен затвор за сите клучни обвинети.

Првообвинетиот во случајот, Љупчо Палевски – Палчо, се товари дека ги организирал и извршил киднапирањата и убиствата на Жежовски на 22 ноември, а на Вања пет дена подоцна. Обвинителките побараа најстрога санкција за него.

Иста казна – доживотен затвор – беше побарана и за Велибор Манев и Боре Видевски од Велес, како и за Влатко Кешишев од Штип, кои според обвинението биле директно инволвирани во извршувањето на делото.

Казна и за таткото на Вања

Посебно внимание привлече улогата на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој според обвинителниот акт, му дојавил на Палевски кога неговата ќерка ќе биде сама, без сестра ѝ, на пат кон училиште – што овозможило нејзино киднапирање и барање откуп од нејзината мајка. За него, обвинителството побара соодветна затворска казна.

Поддршка за кривичниот прогон и барања за отштета

Мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, преку својата адвокатка, официјално се приклучи кон кривичниот прогон против сите обвинети – вклучително и против нејзиниот поранешен сопруг Александар. Исто така, и ќерките на убиениот Панче Жежовски изразија поддршка на обвинителството и поднесоа побарување за нематеријална отштета – за душевната болка и трајната загуба што ја претрпеле.

Судењето продолжува со излагањата на одбраната, а јавноста со внимание го следи процесот, очекувајќи пресуда што ќе донесе правда за загубените животи и ќе испрати силна порака против насилството.