Skip to main content
Македонија

Обвинителствата од Западен Балкан и Јужна Америка ја зајакнуваат соработката за справување со организирани криминални групи

21/02/2025  09:52

Јавни обвинители од Западен Балкан и Јужна Америка учествуваат на конференција во главниот град на Перу, Лима со цел зајакнување на меѓународната соработка во борбата против организираниот криминал. На состанокот на тема „Вмрежување за резултати: Зајакнување на прекуграничната соработка меѓу јавните обвинители од Западен Балкан и Јужна Америка во областа на организираниот криминал“ се преземаат сериозни чекори во насока на зајакнување на заедничките активности за сузбивање на меѓународните криминални мрежи.

На настанот, кој заеднички го организираат Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан и ЕЛ ПАКТО 2.0, се одржуваат дискусии за трендот и структурата на криминалитетот, стратегиите за негово сузбивање, експертски презентации за растечките закани, тркалезни маси за законските и оперативните предизвици, но и билатерални состаноци за промоција на директна соработка меѓу државите и за размена на искуства во конкретни предмети.

Претставничката на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на настанот, јавната обвинителка за врски со Европравда Ленче Ристовска, одржа билатерални состаноци со колегите од Перу, Чиле, Панама, Колумбија, Аргентина, Бразил и Боливија, на кои се разговараше и за склучување на меморандуми за соработка кои треба да овозможат спонтана размена на информации и реализација на меѓународна правна помош со овие земји на побрз и поефикасен начин. На состаноците беа разменети искуства за борбата против кривичните дела од трговија на наркотици, но и за поврзани дела како трговија со луѓе, оружје, перење пари и слично.

„Она што ја прави особено витална соработката меѓу земјите од Јужна Америка и Западен Балкан е единствената поврзаност меѓу овие два региона. И покрај нашата географска оддалеченост, и Јужна Америка и Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици: историја на конфликти, политичка нестабилност, економски диспаритет, присуство на корупција и вкоренување на организирани криминални мрежи кои напредуваат во услови на таква ранливост. Токму поради овие споделени искуства соработката меѓу нашите региони не е само пожелна – таа е суштинска“, рече Ристовска на панелот каде имаше излагање во однос на потребата од градење на мостови на соработка меѓу обвинителствата од овие два региони и во однос на улогата на обвинителите за врски во Европравда во обезбедување на меѓународната соработка.