
Во Основниот суд во Штип вчера започна судскиот процес против 74-годишниот Денис Асанов, кој е обвинет за убиството на 79-годишна жена од Штип со иницијали Б.Н. Обвинетиот пред судот изјави дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар.
„Апсолутно не, не сум го сторил кривичното дело. Да убиеш човек не е лесно“, изјавил Асанов во судницата, негирајќи ја одговорноста за убиството.
Од друга страна, обвинителката Тања Кацарова истакна дека според доказите со кои располага обвинителството, обвинетиот бил свесен за своите постапки и кривичното дело го извршил со умисла.
Според обвинението, трагичниот настан се случил минатата година. Дел од телото на жртвата бил пронајден закопан во дворот од куќата на обвинетиот, што било клучен доказ во истрагата. Во исказот даден пред Основното јавно обвинителство во Штип, како можен мотив за злосторството биле наведени љубомора и нарушени лични односи меѓу обвинетиот и жртвата.
По исчезнувањето на жената неколку дена се трагало, откако нејзината сестра го пријавила случајот во полиција. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 24 октомври 2025 година, 84-годишната сестра на жртвата пријавила дека таа се оддалечила од домот и не се вратила.
Во текот на истрагата, на 10 ноември, со судска наредба бил извршен претрес во домот на Асанов. При претресот биле пронајдени траги од крв и други предмети кои, според истражните органи, се поврзани со случајот.
Обдукцијата покажала дека убиената жена имала осум скршени ребра, што укажува на бруталноста на нападот. Сепак, и покрај истрагата, главата и двете нозе на жртвата до денес не се пронајдени.
Судењето за овој тежок случај продолжува на 18 март, кога се очекува да бидат изнесени нови докази и сведочења.

