
Министерството за спорт во соработка со националните спортски федерации, го објави конкурсот за државната награда „8 Септември“ за 2025 година, за остварувања во областа на спортот.
Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“ врз основа на член 24 од Правилникот за работа на Одборот, го распиша конкурсот за доделување на наградата во 2025 година.
Со државната награда „8 Септември“ се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во спортот.
Во една година може да се доделат најмногу до пет награди, од кои една награда е за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на државата на меѓународен план.
Наградата за животно дело ја доставува матичната национална спортска федерација, поддржана од најмалку десет национални спортски федерации. Според пропозициите, една национална спортска федерација може да даде поддршка на најмногу тројца кандидати за наградата за животно дело.
Паричниот износ на наградата „8 Септември“ за животно дело за исклучителен придонес во спортот, е доживотна месечна исплата на една просечна плата исплатена во последните три месеци во тековната година.
За четирите еднократни награди „8 Септември“ со кои се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот, може да конкурираат поединци, спортски клубови, национални спортски федерации и други организации од дејноста спорт.
Паричниот износ на оваа награда изнесува десет просечни плати исплатени во последните три месеци од тековната година.
Конкурсот за наградите „8 Септември“ за остварувања во спортот трае од 19 мај до 19 јуни 2025 година.